31-ва седница на Владата на Република Македонија
С О О П Ш Т Е Н И Е
Владата на Република Македонија, денеска(04.12.2011 година) ја одржува својата 31-ва седница, на чиј што дневен ред е предвидено разгледување на 104 точки од областа на економскиот и политичкиот систем.
Владата ќе разгледа повеќе точки од областа на економијата, меѓу другото и предлог-програмата за поттикнување инвестиции во РМ 2011-2014, можностите за зајакнување на технолошката соработка во рамките на кластерите преку формирање на Регистар на македонски компании со најголем капацитет за иновации и истражување и организирање на обуки на ниво на кластер, како и состојбата во врска со реализацијата на проектот Вардарска Долина, проектот Даночна академија, и можностите за овозможување услови за плаќање со кредитна картичка или преку мобилен телефон на сите административни такси.
Владата ќе ги разгледува можностите за определување модалитети за доделување на субвенции за привлекување на компании кои организираат авионски летови по поевтини цени.
Од страна на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Владата ќе биде информирана и ќе го разгледува прогресот за состојбата од досегашната реализација на Проектот за самовработување со кредитирање.
На седницата ќе се информира за процесот на поддршка на општините за преминување во втора фаза од процесот на фискална децентрализација, како и за текот на реализацијата на Проектот - Општински обврзници.
Владата ќе се осврне на повеќе точки од областа на делување на ресорот транспорт и врски, како што се, статусот на реализација на изградба на автопатската делница Смоквица-Демир Капија, и активностите за подготовка на студии и проектна документација на Агенцијата за државни патишта за изградба и реконструкција на нова група на патиштата во Македонија.
Владата ќе го разгледува прогресот за воведување на новата форма на социјална работа Патролна социјална работа и можноста за нејзино проширување во другите општини во Република Македонија, и текот на реализација на правото на парична помош за студирање за лицата кои до 18- годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа.
На седницата ќе се расправа по однос на акциониот план со предлог на мерки и активности за намалување на трендот на баратели на азил.
Владата ќе разгледува и ќе одлучува и по однос на други точки од дневниот ред, од областа на сите владини ресори, а соодветно на мерките и активностите кои ќе бидат усвоени, и зависно од видот и статусот на одлучување, во идниот период ќе ја информира јавноста за поедини и конкретни аспекти на одлуките.