Дебата за ромското прашање во Македонија

Препораки и забелешки за ромското прашање во Македонија ќе и бидат доставени на Владата по денешната дискусија за содржината во Извештајот на ЕК што се однесуван на Ромите.

Министерот без ресор Неждет Мустафа истакна дека Македонија е една од ретките земји каде се забележува инкулзијата на Ромите во општеството, што според него, е историски процес.

- Процесот на решавање на децениските проблеми почна. Ние немаме некое волшебно стапче што можеме да ги постигнеме преку ноќ. Голем проблем се уште е сиромаштијата, неурбанизирани средини, но динамиката што ја правиме од година в година покажува исклучителни резултати, вели Мустафа.

Легализацијата на бесправно изградените објекти нуди можност за урбанизирање на ромските заедници, за што има најголем интерес. Мустафа рече дека неколку невладини организации им помагаат на Ромите да изработат елаборати и да ги легализираат своите куќи и објекти.

Во однос на инфраструктурата во средини каде што живеат Роми, годишно од 2010 година се одвојуваат по 10 милиони денари.

Околу 3.500 средношколци Роми примаат категоризирана стипендија. Стипендија добива ромско дете со средна оценка над тројка. Стипендирањето, обезбедено од Ромскиот едукативен центар и Владата, се прави веќе пет години.

- Тоа беше целта наша за да можеме да имаме квалитетни средношколци Роми. Во согласност со Владата, од 2016 ќе бидат стипендирани и сите студенти Роми. Со тоа мислам дека ќе затвориме процесот на образованието, од детските градинки до нивното дипломско образование, изјави Мустафа.

Стипендирањето, според него, многу помогнало за огромното намалување на процентот на млади кои не учеле или не завршувале средно училиште.

Мустафа рече дека е побарано информациите за можноста за финансирање проекти за Роми од страна на ЕК до ромските НВО да бидат на македонски јазик.

Мустафа смета дека етничките заедници во Македонија немаат проблем со човековите права во Република Македонија.

На денешната јавна расправа присуствуваа претствници на ромски НВО, политички партии на Ромите, меѓу кои и поранешниот пратеник Самка Ибраимовски, претставници на ЕК и Владата.