Груевски и Вајгл разговараа за евроинтеграциите на Република Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски денеска (четврток, 04.12.2014 година) оствари средба со известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, г-дин Иво Вајгл.

Соговорниците разменија мислења на повеќе теми од областа на европските интеграции на нашата земја, и за реформите и чекорите кои се реализираат во насока на остварување на оваа стратешка цел на државата.

Премиерот Груевски му посака успех на г-динот Вајгл во остварувањето на работните ангажмани на оваа негова нова позиција и изрази посветеност за продолжување и унапредување на досегашната успешна соработка во сите области од заеднички интерес. Тој се заблагодари на поддршката на Европскиот парламент на реформите и европската агенда на Република Македонија и за поддршката на процесот за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија.

Премиерот ја истакна посветеноста на Владата за понатамошни реформи за унапредување на европските стандарди, за што врз основа на препораките на Европската Комисија е изготвен посебен акциски план кој предвидува и реформи и мерки за понатамошно правно и институционално приближување кон Европската Унија.

Европратеникот Вајгл ја истакна својата подготвеност за овозможување на понатамошен придонес за поддршка на соработката и за реформските процеси во нашата земја, и од аспект на неговиот личен ангажман и од аспект на Европскиот парламент. 

Соговорниците разговараа и за надворешно политичките предизвици во процесот на европски интеграции, при што премиерот Груевски ја истакна нашата посветеност и заложби за понатамошно унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка.

Стана збор и за понатамошното интензивирање и динамизирање на односите со Европскиот парламент.