Министерства

Во рамките на своето учество на Регионалниот форум за соработка, „Денешните предизвици, утрешни перспективи: Балканот во 2030“ кој се одржува во Грција, министерката за правда Рената Дескоска имаше обраќање на денешната сесија „Борба против лажни вести и дезинформации - Заштита на демократијата во дигиталната ера“.

Зборувајќи за ситуациите во кои граѓаните на нашата земја се најдоа во улога на емитери на лажни вести, каков што беше случајот со тинејџерите од Велес за време на претседателските избори во САД, но и за ситуациите во кои нашите граѓани беа цел на лажни вести, каков што беше случајот за време на референдумската кампања за Договорот од Преспа, Дескоска укажа на можните чекори за заштита на демократијата од лажните вести.

При тоа, министерката Дескоска истакна дека не го гледа решението во затворањето на веб порталите или цензурата на интернет, туку со воспоставувањето етички стандарди во работата на медиумите, но и самата Влада.

Според министерката Дескоска, Владата има своја одговорност во борбата против лажните вести: „Отвореност, транспарентност, навремено информирање и проактивна транспарентност, директна комуникација со граѓаните - тоа е најдоброто оружје во борбата против лажните вести, бидејќи истовремено ја зголемува довербата во Владата“.

Фокусирањето кон консументите на вестите и нивната навремена едукација е втората значајна работа што можеме да ја направиме за да го намалиме негативното влијание на лажните вести.

- Лажните вести се последната епизода на најстарата војна - војната помеѓу лагата и вистината. Во сказните, вистината секогаш победува. Во денешниот свет, победникот претендира да биде носител на вистината, бидејќи историјата секогаш ја пишуваат победниците, потенцираше министерката Дескоска.

Регионалниот форум за соработка во Грција е платформа која овозможува прогресивен дијалог меѓу клучните актери од политичката, економската, академската, бизнис заедницата и граѓанското општество на Балканот. Форумот е регионална геополитичка иницијатива која цели кон мирно решавање на регионалните спорови и зајакнување на соработката помеѓу земјите од Балканот.

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати 9 милиони евра за субвенции за одржување на лозови насади, ова денеска во Струмица го соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, на работната средба со земјоделци од струмичкиот регион.

„Како што ветивме, пред почетокот на новата производствена реколта, ден пред празникот Свети Трифун, Платежната агенција исплати близу 9 милиони евра на 15.208 лозари. Овие пари директно се враќаат кај лозарите, за да ги вложат во новото поизводство, за да произведат квалитетно грозје за производство на нашето познато македонско вино“, изјави Николовски.

Николовски потсети дека кон средината на следниот месец ќе започне исплатата на долгот што го имаат дел од винарниците кои биле регистрирани во МЗШВ за откуп во периодот од 2014 до 2016 година, а не им го платиле откупеното грозје на лозарите. Паралелно, Платежната агенција започнува со обработка на решенијата за исплата на дополнителната субвенција од 1 денари по килограм откупено грозје од винарниците за винско грозје од 2018, и истата ќе биде исплатена по обработката на решенијата. 
Николовски посочи дека и оваа година во новата Програма за директни плаќања, продолжувa поддршката за лозарите со развоен потенцијал, односно 20 отсто повисоки субвенции за лозарите со насади од 1 до 10 хектари, кои наместо 44.000 ќе добијат 48.000 денари по хектар, како и субвенцијата од 12.000 денари по хектар за промена на сортиментот.

Годинава е зголемена и поддршката за промоција на македонските вина на меѓународните саеми, а дополнително се воведува и мерката за евтина зелена нафта, преку која лозарите ќе добијат помош за порентабилно производство.

За модернизирање и развој на оваа гранка важни се инвестициите кои што ги нудат мерките од ИПАРД 2 Програмата. Конкретно, мерката „Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства“ нуди можност за 60 отсто кофинансирање од висината на инвестицијата за подигнување на лозови насади и набавка на систем капка по капка, а мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи нуди 50 отсто кофинансирање на инвестиции за изградба на винарници, набавка на опрема и друго.

Министерката за правда Рената Дескоска учествува на Регионалниот форум за соработка во Република Грција, насловен „Денешните предизвици, утрешни перспективи: Балканот во 2030“, кoj се одржува од 15 до 17 февруари.

Темите за дискусија на овогодинешниот форум се фокусираат на приоритетите на Романското претседателство со Советот на ЕУ во врска со Западен Балкан, Солунската агенда, бегалската криза и поврзаноста на регионот. Меѓу клучните говорници на овој настан се поранешниот премиер на Р.Грција, г. Папандреу, поранешниот претседател на Хрватска, г. Иво Јосиповиќ и евроамбасадорот во Република Северна Македонија, Семјуел Жбогар.

Утре, во рамките на форумот, министерката за правда, Рената Дескоска ќе се обрати на тема: „Борба против лажни вести и дезинформации - Заштита на демократијата во дигиталната ера“.

Регионалниот форум за соработка е платформа која овозможува прогресивен дијалог меѓу клучните актери од политичката, економската, академската, бизнис заедницата и граѓанското општество на Балканот. Форумот е регионална геополитичка иницијатива која цели кон мирно решавање на регионалните спорови и зајакнување на соработката помеѓу земјите од Балканот.

Министерот задолжен за дијаспората во Владата на Република Северна Македонија, Едмонд Адеми, престојува на работна посета на Кралството Норвешка, при што денес се сретна со градоначалникот на Осло, г-ѓа Мариане Борген.

На средбата се истакна добрата билатерална соработка помеѓу двете земји и беше потврдена посветеноста на двете страни за натамошно градење на блиски и пријателски меѓусебни односи.

Министерот Едмонд Адеми, упати честитки до градоначалникот на Осло, г-ѓа Мариане Борген за престижната титула на европскиот зелен град за 2019 (European Green Capital) доделена од страна на Европската комисија на градот Осло, при што се укажа потребата за размена на знаења и искуства од општината на градот Осло со цел да се постигнат слични видливи резултати и во Република Северна Македонија, а посебно во градот Скопје.

Градоначалникот на Осло, изрази подготвеност за соработка со владата на Република Северна Македонија и градот Скопје во насока на подобрување и зајакнување на капацитетите во контрола на загадувањето, управување со опасен отпад, и други активности за реализација на зелен град.

Во разговорите беа разменети и мислења во насока на ангажманот и интеграцијата на дијаспората на Република Северна Македонија во Осло и околина, како и за идни заеднички проекти кои дополнително ќе помогнат во поголема инклузивност и интеграција на нашата дијаспора во нивното општество.

Согласно денешната програма во рамките на работната посета на Кралството Норвешка, министерот Адеми, денес, во попладневите часови ќе реализира средба и со претставници на дијаспората на Република Северна Македонија која живее и работи во Осло и околина.

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска ја презентираше новата Програма за финансиска поддршка во земјоделството. Во годинешната програма за првпат се воведува субвенцијата за набавка на гориво за земјоделска механизација, или „зелена нафта“. Вкупната поддршка изнесува 200 милиони денари, а со неа ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци.

 

 

„Корисници на оваа мерка се земјоделците што имаат поледелски, градинарски овошни култури и лозови насади. Бидејќи се работи за нова мерка, за почеток кофинансирањето ќе биде 30 отсто од трошоците, со можност понатаму и да се зголеми овој процент. Оваа мерка ќе придонесе во значително намалување на производствените трошоци, што за земјоделците ќе значи поекономично производство и поголеми приходи. На овој начин враќаме 200 милиони денари пари кај земјоделците“, изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Исто така, има новитети во мерката наменета за малите земјоделски стопанства под 1 хектар, која има за цел да направи раздвојување на развојните од социјално ориентираните мерки. Субвенциите за земјоделците кои имаат до 0,5 хектари земја изнесува 6.000 денари по хектар, додека 12.000 денари за оние што имаат од 0,5 до 1 хектар земја. Мерката опфаќа 13.000 земјоделци, односно онаа категорија која тешко може да ги исполни стандардите кои ќе се воведат во процесот на усогласување со ЕУ, а преку неа се враќаат 130 милиони денари кај земјоделците. Во претходните години за оваа категорија на земјоделци се исплаќале околу 49 милиони денари.

МЗШВ годинава ја зголемува финансиската поддршка за одржување на насади со јаболка од 33.000 денари на 41.000 денари по хектар, а за овоштарите кои имаат од 1 до 5 хектари поддршка расте од 39.600 на 50.000 денари по хектар. На овој начин рамномерно ќе се распределува финансиската поддршка кај сите производители на овошни култури со што истовремено ќе се поттикне и производството на конзумни производи кои ќе постигнат повисока цена на пазарот.

Во градинарството се олеснуваат критериумите, односно се пријавува збирната засадена површина за сите градинарски култури. Преку новите административни процедури во Платежната агенција ќе се намали бројот на земјоделци кои во текот на претходните години беа одбивани. Во поледелството, министерството двојно ја зголемува поддршката за оризот за површини од 5 до 50 хектари со сертифициран семенски материјал. Од 6.000 на 18.000 денари по хектар се зголемува субвенцијата за земјоделците што не употребуваат сертифициран семенски материјал.

Значителна финансиска поддршка ќе добијат производителите на сончоглед и тоа, 23.160 денари по хектар оние што имаат од 5 до 50 хектари и користат сертифициран семенски материјал. Во делот на сточарството се зголемува субвенцијата за литар произведено и предадено овчо и козјо млеко од 4 на 4,5 денари по литар. Посебен акцент се става на живинарството. Односно, од 33 на 40 денари се зголемува субвенцијата за одгледани и заклани бројлери.

МЗШВ ја продолжува поддршка од 20 отсто повисоки субвенции за растителното производство за земјоделците со развоен потенцијал и 10 отсто повисоки субвенци за сточарсвото за истата категорија на земјоделци. Продолжува и поддршката за сите стратешки култури како тутунот, грозјето, пченицата и друго.

Сите овие промени во новата Програма за финанскиска поддршка во земјоделството МЗШВ ги направи по бројни консултации со сите чинители во земјоделскиот сектор. Целта на промените е направена на начин да се врати развојната компонента на директните плаќања, што ќе придонесе за зголемување на производството, обработливите површини, бројот на добиток и буџетот на земјоделците.

 

ЛИНК ДО ПРЕЗЕНТАЦИЈА

Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Елвин Хасан, вчера имаше свое обраќање на дводневниот 22. Евроазиски економски самит, кој се одржува и денес во Истанбул. Евроазискиот економски самит го организира Мармара фондацијата, група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток.

Говорниците на самитот посебно се осврнаа на соработката помеѓу државите, особено во областа на економијата и енергетика. Министерот во својот говор ги поздрави присутните и им посака успешна соработка во иднина. Воедно го истакна своето задоволство од потпишувањето на протоколот за влез на Република Македонија во НАТО и зборуваше за значењето на интеграциите во ЕУ и НАТО.

„Интеграциите во ЕУ и НАТО се од големо значење за нашата земја, тие со себе носат нови предизвици и можности за инвестирање во Република Македонија, ние како Влада ќе ја искористиме оваа прилика и ќе се залагаме за привлекување на нови инвеститори кои ќе помогнат во намалување на стапката на невработеност, која во последните години е значителен проблем особено за младите граѓани на нашата земја. Република Македонија нуди одлични услови за инвестирање, пример за тоа се технолошките индустриски развојни зони, ги повикувам сите компании кои сакаат да инвестираат во странство, да ја разгледаат оваа опција”, посочи министерот Хасан.

„Денеска ми претставува навистина огромна чест како министерка за одбрана да видам дека сите земји - членки на НАТО ни посакаа многу топло, многу силно, многу гласно добредојде во најмоќната воено политичка алијанса во светот. Македонија веќе не е во изолација, Македонија се смета за една од ретките добри вести на европскиот континент. Безбедноста на нашите граници не ја гарантираме само ние, туку ја гарантира и сојузот и тоа неминовно носи зголемена безбедност во нашата држава, но и безбедност во регионот“, рече министерката Шекеринска денеска, по историското потпишување на пристапниот протокол за членство во Алијансата во Брисел од страна на постојаните претставници на 29-те земји - членки.

Министерката Шекеринска истакна дека ова е успех на сите граѓани на нашата татковина, успех за кој беше потребна волја, посветеност и храброст на една генерација лидери и патриоти кои донесоа одлука која е насочена кон иднината. „Ова е резултат кој што го сработивме тогаш кога седнавме и се сконцентриравме на домашната агенда, кога седнавме и ја вративме одбраната во нашиот политички фокус“, рече министерката.

„Голема чест за мене ќе биде тоа што веќе следната недела ќе можам за прв пат да учествувам на состанокот на министрите за одбрана на НАТО земјите членки, во име и на нашата земја и во име на секој граѓанин. Како прва жена министер за одбрана ќе ми биде задоволство што ќе ги претставувам сите граѓани на нашата држава во овој најмоќен воено-политички сојуз“, рече Шекеринска. Додаде дека тоа испраќа две пораки - едната дека нашата земја кога знае што сака може тоа да го направи реалност; другата до сите наши млади, без разлика дали се момци или девојки дека сè зависи од нивниот сон, сè зависи од тоа колку се трудат и работат, сè зависи од шансите кои што сами си ги создаваат. Сонот,истакна, е тоа кој што нè води напред и кој што нè тера навистина да направиме чуда и во својот живот и во животот на нашата земја.

Министерката рече дека домашните и меѓународните инвеститори веќе не треба да се грижат дали нивните инвестиции се безбедни и сигурни и дека граѓаните нема потреба да се грижат дали безбедноста и сигурноста на државата е гарантирана. „Институциите ќе можат дополнително да им обезбедат шанси и на бизнисот, но и на граѓаните да дојдат до подобро платени и повеќе работни места“, посочи Шекеринска.

„Донесовме стратешка одлука зад себе да го оставиме автократското владеење и живеење во изолација и да се посветиме на градење сојузништво со европските нации“, заклучи министерката.

Со потпишувањето на пристапниот протокол, претставниците на Македонија ќе учествуваат на сите состаноци на Алијансата, а првото официјално учество на министер ќе биде веќе идната недела кога министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО, на ниво на министри за одбрана.

Со честитка упатена до граѓаните на Република Македонија по повод потпишаниот Протокол за членство на Македонија во НАТО, министерот за економија Крешник Бектеши ја започна прес конференцијата на која ги претстави мерките и активности содржани во годинешната Програма за развој на туризмот.

„Ефектите од отворените врати на НАТО веќе почнаа да се чувствуваат, а приклучувањето кон НАТО семејството ќе донесе уште многу бенефити за нашата држава. Во туризмот, како најбрзорастечка гранка од економијата, успеавме да забележиме одличен успех - наместо до 2020, ние во 2018 ја оствариме зацртаната цел - надминувајќи ја бројката од 1 милион туристи, со 3 милиони ноќевања. A влезот на Република Македонија во НАТО ќе значи и отстранување на последната бариера што често пати е споменувана од странските туристи кои ја заобиколувале нашата земја, а тоа е прашањето околу поголема сигурност и безбедност. Тука би ги додал и засилените инвестиции во туристичката инфраструктура, што секако ќе придонесе за уште поинтензивен развој на туристичкиот сектор“, рече Бектеши.

Тој потсети дека во последниве години, Владата на Република Македонија покажа дека туризмот е еден од главните приоритети, а сите вложени мерки во неговиот развој даваат позитивен резултат: постојано зголемување на бројот на странските туристи и бројот на туристите, воопшто, а паралелно на тоа и бројот на ноќевањата. Според податоците на НБРМ, приливот на девизи во минатата година во однос на годината пред тоа е зголемен за околу 20%. Бројот на туристите во 2018 година во однос на 2017 година е зголемен за 14,2 отсто, а бројот на ноќевањата е зголемен за 15.0%. Вкупниот број на домашни туристи во 2018 година во однос на 2017 година е зголемен за 15,1%, додека бројот на странските туристи за 13,8%.

„Уште поважно е што се зголемува и стапката на вработеност во оваа индустрија. Минатата година во земјата 8.150 луѓе се вработени во туристичкиот сектор, а очекувањата се оваа година бројот на вработени во овој важен сектор да достигне 10.000, што би претставувало зголемување на вкупната вработеност во земјата од 1,9%. Заедно со дејностите кои се поврзани со туризмот кај нас, дополнително се вработени уште 28.569 лица, а тоа е веќе 3,78% од вкупниот број на регистрирани вработени лица во 2018 година.

Проекциите укажуваат дека годинава оваа бројка ќе има нагорна корекција и ќе достигне 35.000 луѓе кои ќе бидат ангажирани во овој сектор, со очекување до 2024 година овој број да биде околу 40.000“, истакна министерот за економија, додавајќи дека уделот на туризмот во БДП во првите 3 квартали од 2018 година, споредено со истиот период од 2017 година бележи зголемување за 2.9%, а целта е до 2020 година приходите од туризам да достигнат 5% од БДП. Растот во овој сектор е 2 до 3 пати поголем од просечниот раст на туризмот во светот.

„Нашите активности за развој на туризмот за 2019 година се систематизирани во Програмата за развој на туризмот за 2019 година за која во Буџетот на Република Македонија обезбедивме финансиски средства во износ од 36.000.000 денари. Во Програмата се предвидени 21 активност, поделени во 3 дела. Во првиот дел, за кој се обезбедени средства во износ од 5.500.000 денари се опфатени меѓународните активности поврзани со членството во Светската туристичка организација, додека во вториот се опфатени проекти од областа на туризмот кои директно влијаат на подобрувањето на туристичката понуда на Република Македонија како туристичка дестинација, како што се изработка на ,,БРЕНД СТРАТЕГИЈА” за туризам, потстратегии за рурален, културен и активен туризам, студии за вински и спа туризам, како и студија за неискористени објекти кои би биле атрактивни за инвеститорите, ЕКО акција и кампања за чистење на отпадот во туристичките центри, кампања за безбедно патување во соработка со МВР“, објасни Бектеши, дополнувајќи дека за овие активности се обезбедени 17.000.000 денари.

Во третиот дел од Програмата се активностите за поддршка и субвенции за подобрување на туристичката понуда во РМ, за кои деловните субјекти располаат со буџет од 13.500.000 денари. Објаснувајќи ја намената на средствата Бектеши посочи: „Овие средства ќе можат да ги користат општините за изработка на локални стратегии за туризам, а за поддршка можат да аплицираат и организаторите на туристички манифестации и проекти, но и студентите кои имаат бизнис идеи за туризам. Субвенции предвидовме и за селски домаќинства кои ќе даваат угостителски услуги, а на годинешнава листа се и проекти во делот на иновации и дигитализација во областа на туризмот, како и активности поврзани со активниот туризам и адреналинските спортови, како светски тренд“.

И годинава ќе се продолжи со Програмата за поддршка на домашен туризам преку организирање на одмор на работници со ниски приходи, за која се обезбедени 20.000.000 денари, со што ќе им се овозможи на лицата на кои месечните приходи во семејството не го надминуваат нето износот од 22.000 денари, да искористат годишен одмор во туристичките центри во државата, а во исто време ќе им се помогне на туристичките центри за зголемување на обемот на работа надвор од туристичката сезона.

Mинистерството за земјоделство шумарство и водостопанство потпиша Меморандум за соработка со Националната организација „Слоуфуд Македонија“. Целта на соработката е зачувување на агробиодиверзитетот, унапредување на производствата на храна од мал обем и зачувување на автентични и органски производи, сето тоа во функција на руралниот развој и развојот на гастрономијата и туризмот.

Преку меморандумот ќе се заштитат локалните семиња, овоштарство и лозарство, сточарство, традиционалните производи и примената на ознаки за квалитет. Исто така ќе се работи на зајакнување на свеста за органското производство, маркетинг и промоција на македонската традицонална храна, имплементација на европските регулативи и се друго поврзано со традиционалното производство. Соработката ќе се реализира преку изработка на заеднички проекти, измени и дополнување на закони, правилници и програми, организирање на јавни дебати, студиски посети и друго.

„Македонија е богата со разновидни традицонални земјоделски производи и храна, препознатливи по својот вкус не само на домашниот туку и на странскиот пазар. Поддршката на локалното производство, во голема мера може да влијае врз одржлив и економски развој на руралните подрачја, што крајно ќе влијае и врз подобрување на условите живот. Затоа, како држава, неопходно е да воспоставиме систем на заштита на традицоналното производство и поддршка на локалните производители. Ваков систем на поддршка веќе имаат воспоставено голем број земји членки на Европската унија“, изјави министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Во новата Програма за рурален развој МЗШВ издвои 60 милиони денари преку кои ќе ја поттикне промоцијата на македонските земјоделски производи дома и во странство, односно ќе поддржи и учество на 25 домашни и странски саемски манифестации. Дополнително преку мерката Поддршка за маркетинг и промоција на земјоделски производи, нудиме поддршка за воведување на заштитени ознаки за традиционални производи, отворање на органски продавници, амбалажа на преработени земјоделски производи, изработка на маркетинг платформа и друго.

Преку овој Меморандум земјоделците ќе имаат директна помош да ги афирмираат своите производи, но и да ги унапредат на домашниот и странски пазар. Целта на МЗШВ е да поттикне зголемено производство и економски развој, а истовремено промовираат и заштитат квалитетните традиционални земјоделски производи.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска во Брисел говореше на отворањето на објаснувачкиот состанок на чија агенда е поглавјето 22 кое што се однесува на регионалната политика на Европската Унија.

На состанокот со кој претседава директорот на директоратот за  проширување и соседска политика, Марк Џорна, министерот  Сухејл  Фазлиу ја истакана важноста на процесот во кој државните службеници кои што работат на имплементирање на регионалната политика имаат можност директно да споделат информации и знања за поефикасно спроведување на  регулативата на Европската Унија.

- Ова е исклучително важно за нас, затоа што со големиот политички исчекор што го направи нашата земја, формално заокружен со уставните измени во Парламентот пред само две недели, како и со формалната потврда за влегување во НАТО што ја очекуваме утре овде во Брисел, станува извесно, дека нашата евроатланска агенда станува и многу подинамична, но и многу посуштинска, рече министерот Фазлиу. 

Министерот за локална самоуправа говореше за спроведувањето на регионалната политика на Европската Унија преку ИПА инструментот за територијална соработка, за што е одговорно Министерството за локална самоуправа, како и за создавањето на услови за отворање на нови перспективи за соработка.

- Сега кога се отстранети политичките и техничките пречки, очекуваме и наше формално приклучување на макро-регионалните стратегии на кои географски и економски припаѓаме,  Јадранско-Јонската и Дунавската. Она што може веднаш да се направи е да се операционализира министерската одлука од мајскиот состанок во Катанија, за наше формално пристапување како девета членка на Јадранско-Јонскиот макро регион, рече Фазлиу.

Министерот за локална самоуправа  говореше и за националната политика за рамномерен регионален развој од аспект на правната и институционална рамка и изворите на финансирање.

- Ја користам оваа прилика да истакнам дека Министерството за локална самоуправа очекува политиката за рамномерен регионален развој да добие пристап и до финансискиот инструмент ИПА  во процесот на пристапување на нашата држава во Европската Унија, со цел да обезбедиме поширока поддршка за рамномерен  развој на целата територија на државата.

Министерот Фазлиу имаше состанок  и со директорот на одделението Д3 на Генералниот директорат за проширување и соседска политика, г. Дејвид Кулен.

На состанокот министерот Фазлиу ја истакна поддршката на Европската комисија која што се реализира преку Министерството за локална самоуправа со финансирање на Програмите за прекугранична и транснационална соработка, како и на други  проекти за зајакнување на системот на локалната самоуправа.   

Г-дин Кулен истакна дека директоратот внимателно ја следи имплементацијата на програмите за територијална соработка. Взаемна беше констатацијата дека е потребно да се работи на јакнење на капацитетите и на отстранување на воочените слабости во спроведувањето на финансиските процедури,  за што ќе се разговара и на следниот состанок во Скопје.                 

За актуелните процеси министерот Фазлиу разговараше и со шефот на мисијата во Брисел, амбасадорката Агнеса Руси.