Премиерот Груевски на бизнис-форум во Ченаи, Индија
Премиерот Никола Груевски, кој предводи владина делегација во економско-политичка посета на Индија, денеска ќе го посети градот Ченаи, каде на бизнис-форум ќе ги претстави можностите за инвестирање во Република Македонија.
Во состав на владина делегација се министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф, заменик министерот за економија Христијан Делев и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Климент Шекероски.
Премиерот Груевски вчера учествуваше и се обрати на отворањето на глобалниот престижен самит „Вибрант Гуџерат” што до вторник се одржува во Ахмадабад, Република Индија. Пред учесниците - светски политички и економски лидери, академици и експерти, тој подвлече дека во последните години во Македонија особен фокус е даден на овозможување добра бизнис клима, инвестирање во инфраструктурата, поддршка и силни реформи во образованието, и администрацијата и поддршка на иновациите, технолошкиот развој и владеењето на правото.
Шефот на Владата на маргините на глобалниот самит во Ахмедабад, се сретна со неговиот индиски колега Нарендра Моди и порача дека индиските компании се добредојдени да инвестираат во технолошко-индустриските зони во Македонија.
На средбата беа констатирани добрите политички и економски односи меѓу двете земји, кои во последниот период бележат интензивирање што дополнително придонесува за зајакнување на пријателството меѓу Македонија и Индија. Двајцата соговорници разменија мислења и за можноста за продлабочена економска соработка.
Индискиот премиер Моди изрази задоволство што двете држави имаат нагорен тренд на развој на меѓусебните односи на билатерален и на мултилатерален план. Тој искажа благодарност што премиерот Груевски ја посети Индија и што учествува на престижниот самит во Ахмедабад. Истакна дека Индија е насочена кон дисперзирање на својот капитал надвор од границите при што Европа е еден од тие центри.
Двете држави пред извесен период потпишаа меѓусебни договори за одбегнување на двојното оданочување и заштита на инвестициите, а на средбата двајцата премиери искажаа подготвеност за иницирање постапка за потпишување договори за економска соработка, соработка во земјоделието и во областа на културата.
Премиерот Никола Груевски на маргините на самитот оствари билатерална средба и со премиерот на индиската држава Гуџерат која е домаќин на самитот, Анандибен Пател, а разговараше и со претседателот на Светската банка, Џим Јонг Ким со кого ја констатираа одличната меѓусебна соработка, која постои во однос на реализација на повеќе актуелни проекти.
Разговор беше остварен и со државниот секретар на САД, Џон Кери, генералниот секретар на Обединети нации, Бан Ки Мун, како и со повеќе други премиери, министри и извршни директори на компании кои беа присутни на самитот.
“Вибрант Гуџерат” започна како инвеститорски самит во 2013-та година, но постепено се разви во значаен економски настан, каде се презентираат потенцијалите за инвестирање, но и можностите за соработка на трговски, индустриски и економски план. На овогодинешниот самит се очекува да присуствуваат околу 7.000 делегати од академската средина, преставници на глобални компании и корпорации од автомобилската, технолошката, градежната, телекомуникациската индустрија, како и голем број политичари. На настанот ќе бидат присутни и главните луѓе на 50-те најголеми компании во Индија.
Градот Ахмедабад, е еден од главните политички и економски центри на индиската држава Гуџерат. Има околу 6 милиони жители и е најголем град во оваа индиска држава. Списанието Форбс го прогласи овој град за 10. најбрзорастечки град во Индија. Бруто домашниот производ минатата година изнесувал 64 билиони долари.
Премиерот Груевски и владината делегација за време на престојот во Индија ќе ги посета и градовите Калкута и Џајпур каде ќе бидат преставени можностите за инвестирање во Република Македонија.