За учество на земјоделски саеми 30 милиони денари владина поддршка

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев     

Почитувани,

Владата на Република Македонија ја усвои Програмата за 2015 година за финансиска поддршка на домашните земјоделски компании за нивно присуство и промоција на нивните производи на меѓународно значајни земјоделски саеми и настани.

Целта е преку организирана промоција на извозни земјоделски производи да се обезбеди поголема промоција во земјите со недоволно присуство на македонски производи, а кои имаат огромен потенцијал за апсорпција, или пак промоција во земји кои претставуваат брзорастечки пазари поради големиот број на потрошувачи и постојаното зголемување на куповната моќ на населението.

За оваа намена се обезбедени и ќе бидат искористени околу 30 милиони денари. Поддршката се обезбедува за најизвезуваните македонски земјоделски производи - виното и свежиот и преработен зеленчук и овошје. Средствата се за присуство на два типа на настани, првиот тип е саемски манифестации, а вториот тип на настани се специјализирани таргетирани настани за промоција на македонското вино.

Спроведувањето на активностите за национална промоција на македонското земјоделско производство на саемите ќе оди преку националните здруженија на производители за нивен заеднички настап организиран како производи од Македонија, што значи групно ќе се промовираат вината, овошјето или зеленчукот како македонски производи независно од субјектот кој ги произведува. Заедничката национално брендирана промоција и промотивните настани треба да придонесат за јакнење на имиџот на Македонија како земја во која се произведуваат квалитетни вина и квалитетно овошје и зеленчук, а со тоа и да се зголемат и можностите и условите за продажба на македонското вино, овошје и зеленчук на меѓународниот пазар.

Изборот на саемските манифестации е направен во координација со Здружението на производители и извозници на вино - Вина од Македонија, Македонската асоцијација на преработувачи на овошје и зеленчук, Здружението на производители на свежо овошје и зеленчук „Викторија“ и други.

Меѓу другите ќе се обезбеди присуство и на Хонгконшкиот интернационален вински фестивал кој се одржува во ноември 2015 година, саемот Фрутлогистика кој се одржува во февруари во Берлин, Провејн кој се одржува во март во Дизелдорф, Ануга кој се одржува во октомври во Келн, World Food кој се одржува во април во Варшава, саемот Продекспо, Мир Питание и други.

Трошоците кои ќе бидат покриени од страна на Владата се обезбедување и закуп на саемски простор, изработка на заеднички национален павилјон со тематски штандови, покривање на националното презентирање со подготовка на промотивни материјали и активности и други потреби.

Освен тоа што ќе се даде финансиска поддршка на саемски манифестации, Владата ќе финансира и ќе поддржи таргетирани настани за промоција на македонските вина.

Во текот на мај и јуни ќе бидат финансирани промотивни настани на македонското вино на територијата на САД, а конкретните градови ќе бидат утврдени во договор со компаниите. Во текот на месеците октомври и ноември ќе се даде поддршка и на одржување на таргетирани настани за промоција на македонските вина во Холандија, Данска, Швајцарија, Словенија и Англија.

Владата ќе ги покрие трошоците за закуп на простор каде што ќе се одржи настанот, за објава во дел од медиумите во односните земји, во промотивен материјал и други потреби.

Очекуваме со овие мерки и активности да се придонесе во поддршка на бизнис заедницата и да се помогне во пласманот на нивните производи на светски пазари. За илустрација на продуктивноста на овој пристап говори и фактот дека во 2013 година, македонските компании кои преку програмата на Владата присуствуваа на ваквиот тип на настани, само во деновите на одржување на саемот склучија зделки со странски компании за пласман на македонските производи на странски пазари во висина од над 12 милиони евра. Оваа година очекуваме овој потенцијал дополнително да се развие и да се обезбедат нови договори на нашите компании.

Ги повикуваме сите домашни компании кои имаат интерес да ја искористат оваа можност, не постојат никакви ограничувања. Пред секој посебен саем ние ќе ја промовираме оваа можност и секоја компанија која е заинтересирана ќе може да се обрати до Министерството за земјоделство или до стопанските комори и еснафски организации за да и биде овозможена промоција на нејзиниот производ. Во Министерството во секој момент можат да ги добијат сите потребни податоци за процедурата за учество на овие саеми и можностите кои се нудат, а на саемите би ја имале целокупната поддршка од нашите амбасади и економски промотори.

Со учеството на овие настани, домашните компании ќе добијат нови можности, ќе може да придонесат за нивниот профит, растот на компаниите и отворањето на нови работни места.