Груевски - Лукшиќ: Одлични билатерални односи меѓу Македонија и Црна Гора
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денес (понеделник, 23.02.2015 година) оствари средба со г-дин Игор Лукшиќ, потпретседател и министер за надворешни работи и евроинтеграции на Владата на Република Црна Гора.
На средбата беа поздравени одличните билатерални односи помеѓу двете земји кои се развиваат во духот на пријателството и меѓусебното почитување.
Беше истакната заедничката заложба и посветеност за континуирано продлабочување на економската соработка и трговската размена и на стимулирање на соработка помеѓу бизнис заедниците од двете земји.
Двете страни разменија мислења за реформите кои се спроведуваат во двете земји, кои се насочени кон унапредување на можностите во секоја општествена сфера и достигнување на европските стандарди.
Соговорниците ја изразија определбата на двете земји за интеграција во европската и евроатлантската заедница, како основи за обезбедување на напредок на целиот регион.
Беше поздравен потпишаниот договор со кој се уредува користењето на заеднички простории за сместување на дипломатските мисии на двете земји во Париз, Република Франција, а се разгледуваа и можностите за ваков вид на решенија за сместување на дипломатско-конзуларните претставништва на двете земји во други држави.
Двете страни разговараа и за опциите за унапредување на соработката во областа на туризмот и за можностите за воспоставување на авионска линија Скопје-Подгорица.
На средбата стана збор и за регионалните проекти од областа на инфраструктурата кои се предмет и на берлинската иницијатива.
Соговорниците ја изразија подготвеноста и ги истакнаа позитивните придобивки за двете страни од одржувањето на заедничка владина седница за која се чини веројатно дека ќе биде реализирана во текот на оваа година.