Шест нови инвестиции со 4.500 директни вработувања, најави Груевски
Шест нови инвестиции кои ќе овозможат 4.500 директни вработувања и уште многу индиректни, најави денеска премиерот Никола Груевски, во обраќањето на трибината на ВМРО-ДПМНЕ во СЦ „Јане Сандански“.
Ќе има, како што рече, американска инвестиција од автомобилската индустрија во висина од 15 милиони евра стационирана во Тетово со 2.500 вработувања во тој регион. Друга веќе неформално потврдена инвестиција ќе има Василево, во капацитет за производство на материјали во рударство и градежништво.
Пред две-три недели, информира премиерот, Владата одлучила да издаде уште една концесија за проширување на сопственикот на сегашниот рудник „Саса“ во Македонска Каменица, што ќе биде нова инвестиција и дополнителни 200 вработувања во тој крај.
Во Велес, најави, ќе следи уште една инвестиција со 1.000 вработувања на која долго работеле, а за која веќе домашна банка склучи договор за продажба на халите на поранешна „Порцеланка“. Германска компанија од висока технологија автомобилската индустрија, според Груевски, ја известила Владата дека веќе донела одлука за инвестирање во Прилеп, каде ќе овозможи 250 вработувања главно високо образовани кадри, пред се инжинери и менаџери, кои ќе ги обучува во Германија.
Шестата нова инвестиција, посочи Груевски, е од германска компанија која ќе инвестира 30 милиони евра во зоната во Скопје и ќе отвори 500 нови работни места. Компанијата иако сеуште официјално не објавила, веќе има регистрирано фирма во Скопје, отворено канцеларија и првите административни вработувања се реализирани.
- Само овие шест ново најавени фабрики денес значат нови 4.500 нови работни места во Македонија, рече Груевски, порачувајќи дека носењето инвестиции и новите работни места се вистинската борба за државата.
Во досегашниот период во Македонија, посочи премиерот, инвеститорите имаат отворено свои капацитети, над дестици и десетици нови фабрики, а само во странските капацитети се вработени над 11.000 работници и тој број секојдневно расте.
- Само во оваа година очекуваме уште нови 25 странски компании да донесат и објават одлука за градба на капацитети во Македонија, дел од нив и да почнат со градба и во истите тие капацитети кои планираат да ги отворат да се креираат нови над 13.000 работни места. Така ние се бориме за Македонија!, рече Груевски.
Во периодот од 2006 година досега стапката на невработеност која ја затекнале во висина од околу 38 проценти е намалена на 27,6 проценти. Во истиот период се отворени над 138.000 работни места, во странските и домашните капацитети, во приватниот и јавниот сектор, и преку активните мерки за вработување.
Груевски истакна дека се очекува во веќе најавените, а сеуште неотворени странски инвестиции, да бидат создадени нови над 13.000 директни работни места, а со оперативниот план за активни мерки за вработување за годинава да се обезбедеи поддршка за отворање на 8.500 работни места.
- Со три компании од оние кои неодамна јавно најавија инвестиција, во април ќе го потпишеме договорот по кој набрзо ќе ја почнат, а некои од нив завршат градбата, една германска и две италијански, Техникал текстаил во Штип со 600 вработувања кои ќе почнат од јуни кога и ќе се отвори фабриката, Монтанте во Скопје за производство на амортизери која ке вработи 400 луѓе и ќе почне со 100, и Диатек во Скопје со 200 вработувања за почеток, печатарска индустрија, рече Груевски.
За два месеца, потсети, ќе почнат градба на фабрики и веќе најавените Ки сеифти системс во Кичево, за 1.000 лица, кои веќе вработија 50, Гентерм во Прилеп каде ќе се вработат 2.000 лица, ОДВ електрик во Охрид Струга со 1.000. Во тој период ќе се потпише и договорот со Костал во истиот регион исто така со 1.000 вработувања.... Покрај оние кои веќе објавија, има голем број кои не се објавени, а со кои сме во финална фаза на договор или веќе неофицијално ни потврдиле дека донеле конечна одлука за градба на нови фабрики во Македонија, наведе Груевски.