За една година 53 интервенции на Државната кардиохирургија
Од првата интервенција на Универзитетската клиника за кардиохирургија во Скопје, извршена на 19 март 2014 година, досега, во таа јавна здравствена установа успешно се направени 53 интервенции.
По повод една година од првата интервенција на Државната кардиохирургија, министерот за здравство Никола Тодоров денеска ги посети новите простории на таа јавна здравствена установа, кои се наоѓаат во зградата на Клиниката за кардиологија.
Истакна дека се монтира опремата за која веќе се склучени договорите, најголем дел од неа веќе е пристигнат, а треба да пристигне уште еден дел.
- Државната кардиохирургија 40 години беше проект кој требаше да се имплементира во Македонија. Четириесет години безуспешно се пробуваше да се имплементира и да се основа. Се основаше пред една година и од тогаш досега континуирано успешно работи и се развива. Во овие нови простории кога ќе бидат и комлетно опремени со опремата, очекуваме Државната кардиохирургија дека ќе може да работи со уште посилно темпо и со поголем број интервенции, рече Тодоров.
Посочи дека во новите 750 метри квадратни простории на Државната кардиохирургија има две операциони сали, одлично опремена интензицна нега, опремени соби на одделение или стационар и најсовремена опрема и одличен и многу мотивиран кадар.
- Во Државната кардиохирургија досега имаме вработено 43 лекари, сестри, технички и административен персонал, кои во оваа прва година од постоењето работеше макотрпно за да ја овозможи добрата организираност на оваа Клиника, но и воспоставувањето на оваа дејност во македонското јавно здравје. Очеуваме во наредниот период уште посилно да се развива имајќи предвид дека многу вложуваме во кадарот, нагласи Тодоров.
Потенцира дека досега од 43 вработени, 20 сестри и еден перфузионист биле испратени на едукација во странство, двајца специјалисти се на субспецијализација во Клиничкиот центар Загреб кои ќе имаат можност да се доедуцираат и во Државната универзитетска болница во Виена, која е една од најдобрите во Европа.
- За две години би имале и двајца субспецијалисти по кардиохирургија кои ќе бидат дел од овој тим доктори, додаде министерот Тодоров.
Првата интервенција на Државната кардиохирургија на 19 март 2014 година му била извршена на 64-годишниот Игнат Спиров, кој имал нарушување на аортната валвула. Тој денеска изјави дека се чувствува добро. Интервенција ја изведоа двајца кардиохирурзи од Италија, Робето Чини и Антонино Маруло.
Кардиохирургот Сашко Јовев, кој учествувал на првата интервенција, рече дека Спиров имал слабост и стеснување на аортната валвула, која била оштетена и проширување на аортата на главниот крвен сад кој излегува од срцето. - Практично се направија две интервенции. Се реши валвулата со замена, а проширувањето се реши со протеза околу аортата. Тоа беше сериозно срцево заболување кое се откри на ехо и мораше да се оперира. Се помина во најдобар ред, додаде Јовев.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека проектот за Државна кардиохирургија се реализирал со голем ентузијам и со големо разбирање меѓу оние кои го направиле и лекарите.
Посочи дека токму проектот за Државна кардиохирургија за кој се залагал, бил причина да се врати од странство.
Додаде дека се уште работат под менторство на еминентни кардиохирурзи од странство, но многу брзо ќе имаат комплетен тим македонски кардиохирурзи, кој самостојно ќе оперира.