Од 1 април намалени цени на 542 лека
Од 1 април се намалува цената на 542 генерички и оригинаторни лекови. Ова е седмото по ред намалување на цените на лековите, согласно Законот за лекови и медицинските помагала и Методологијата за начинот на формирање на цените на лековите.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека со оваа системска реформа на Владата и Министерството за здравство, која во континуитет ја спроведуваат, со досегашните шест намалувања на цените на лековите опфатиле околу 4.000 лекови, а остварената заштеда изнесува над 36 милиони евра.
Посочи дека целта е да се унапреди достапноста на лековите преку финансиско олеснување за граѓаните, а воедно се остварува заштеда во здравствениот систем и средствата се искористуваат за инвестиции во здравствениот систем.
- Најголемо процентуално намалување на максималната цена има кај следните генерики: Аторвастатин (лек за намалување на масти во крв) на кој цената му се намалува 76,83 отсто, Донепезил (лек за висок крвен притисок) 63,38 отсто, Рисперидон (лек за шизофренија) 58,05 отсто, Левофлоксацин (раствор за инфузија-антибиотик) 51,27 отсто, Диклофенак (антиревматик и аналгетик) 45,1 отсто, Доцетаксел (концентрат за раствор за инфузија-цитостатик) 31,5 отсто, рече Тодоров.
Нагласи дека најголемо процентуално намалување на максималната цена има кај следните оригинатори: Бонвива (раствор за инјектирање - лек кој делува на минерализација на коските) 59 отсто, Тритаце (АЦЕ инхибитор) 33 отсто, Плавикс (лек против згрутчување на крвта) 30 отсто, Кселода (цитостатик) 28 отсто, Липанор (лек за намалување масти) 22 отсто.
- Намалување на малопродажна цена има кај генеричките лекови: Јаснал (лек за Алцхајмерова болест) со разлика во цената од 61,86 отсто (старата малопродажна цена била 1979,63 денари, а новата изнесува 755.09 денари), што според годишната потрошувачка ќе овозможи годишна заштеда од околу 219.000 евра. Овој лек има годишна потрошувачка од 11.000 пакувања и на него се заштедуваат по 1.224 денари од пакување, нагласи Тодоров.
Појасни дека намалување на малопродажна цена има кај генеричките лекови: Урутал (лек против вртоглавица) со разлика во цена од 18,89 отсто (старата малопродажна цена била 595,22 денари, а новата изнесува 482,78 денари), што ќе овозможи годишна заштеда од 11.000 евра, Синетра (против згрутчување на крвта) со разлика во цената од 15,57 отсто (старата малопродажна цена на лекот била 864,48ден., а новата изнесува 729,87 ден). Со оглед на големата употреба на лекот, со намалување на цената годишната заштеда ќе изнесува 52.000 евра.
- Намалување има и кај лекот Ибандроник ацид (лек за остеопороза) со разлика во цена од 21,65 отсто (стара цена 7.905 ден, нова цена 193.91 ден.) Заштедата е 49.000 евра годишно. Најголема заштеда при намалување на малопродажната цена се овозможува кај оригинаторите и иновативните лекови: Бонвива (лек кој делува на минерализација на коските) со намалување на единствената малопродажна цена од 5269.32 денари на 2,166 денари, со што се овозможува заштеда од 75.500 евра годишно според потрошувачката (лекот има годишна потрошувачка од 1.500 пакувања и се заштедуваат по 3.100 денари од пакување), рече Тодоров.
Намалување на малопродажната цена од 1.108 на 796 денари има и кај лекот Плавикс (против згрутчување на крвта), Синтром (против згрутчување на крвта), од 108,55 на 95,47 денари, Рекормон (раствор за инјектирање, лек за слабокрвност), од 5.652 денари на 4.144 денари со што годишно се заштедуваат околу 30.000 евра.
Просечното намалување на малопродажните цени на генеричките лекови, укажа Тодоров, изнесува 11 отсто, а на оригинатори (иновативни лекови) 6 отсто.
- Со седмото намалување на цените на лековите, вкупната заштеда кај генеричките лекови изнесува над 60 милиони денари (60.400.000 денари, или 982.000 евра), додека кај оригинатори и иновативни лекови изнесува речиси 38 милиони денари (37.813.000 денари, односно околу 615.000 евра). Вкупната заштеда на годишно ниво согласно потрошувачката изнесува 1.597.000 евра, рече Тодоров.
Потенцира дека најчесто препишувани лекови, кои граѓаните ги земаат од аптека, а сега се со намалени цени се: лекови за болка Диклофенак и Кетопрофен, антибиотици: Ципрофлоксацин, Азитромицин и Цефалексин, и лекот за желудник Лансопразол.
- Намалувањето на цените на лековите е мерка која Министерството во континуитет ја спроведува два пати годишно, во месец март и октомври, така што со истата динамика ќе продолжиме и во претстојниот период, особено што придобивките од примената на оваа мерка се видливи и за граѓаните и за самиот здравствен систем, додаде Тодоров.
Директорката на Агенцијата за лекови, Марија Дарковска Серафимовска рече дека бенефитот од намалувањето на цените на лековите ќе го има не само државата, туку директно ќе го почувствуваат граѓаните кои ги користат тие лекови.