Италијански „Диатек“ нова инвестиција во ТИРЗ Скопје 1
Италијанската компанија „Диатек“ го потпиша договорот за реализација на својата инвестиција од 10 милиони евра во Македонија. Првиот дел од капацитетот ќе биде изграден во ТИРЗ Скопје 1 и во средината на овој месец треба да се инсталираат машините кои се произведуваат од македонска компанија во Кочани. Производството се очекува да почне во јули годинава, а процесот на вработување ќе стартува со 30-ина од вкупно планираните 200 лица.
Договорот за инвестицијата денеска го потпишаа сопственикот на компанијата „Диатек“ Диего Мосна и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо. На потпишувањето присуствуваа премиерот Никола Груевски, кој претходно оствари средба со претставниците на „Диатек“, и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Пешевски по потпишувањето на договорот истакна дека инвестицијата се реализира како резултат на сите економски политики на Владата за привлекување странски инвестиции, како и со помош на македонската дијаспора во Италија, односно вработени во оваа компанија во Италија која го направи почетниот контакт.
- По неколку месеци преговори одлучија да инвестираат како резултат на стратегијата која ги вклучува сите елементи и во делот на промоција, и роауд шоу и самите економски промотори, за привлекување странски инвестиции, рече Пешевски кој додаде дека со оваа инвестиција Италија ја проширува палетата инвеститори во Македонија, но и ја зголемува можноста за доаѓање на други италијански компании.
Според него ваквите компании покажуваат дека економските политики на Владата, мерките со кои се стимулираат компаниите да дојдат тука и севкупно пристапот што го има Владата во делот на креирање поволна бизнис клима и нови инвестиции даваат резултати и оти и натаму ќе следат уште подобри резултати, рече Пешевски.
Посочи дека како резултат на доаѓањето на оваа компанија во Македонија веќе неколку нивни добавувачи преговараат за инвестирање во земјава.
Сопственикот на „Диатек“ Мосна истакна дека одлуката да инвестираат во Македонија ја донеле бидејќи земјата нуди одлични услови за бизнис. Потенцира дека тоа е важно бидејќи преку капацитетот во Македонија ќе пласираат производи не само во околината, туку и во други земји каде веќе пласираат производи од нивните капацитети. Мосна информира дека ќе се инсталираат три производствени линии во капацитетот во Македонија и дека суровините на почетокот ќе ги увезуваат но дека почнуваат со истражување за да ги набавуваат од Македонија.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо посочи дека фабриката во првата фаза ќе се простира на 2.500 метри квадратни и дека според потребите понатаму може да се проширува. Извозот што ќе го остварува се проценува на околу 15 милиони евра, а постои простор тој да се зголеми и за трипати. Производството е наменето за пазарите на Источна Европа, Турција, Северна Африка и Персискиот Залив.
Групацијата „Диатек“ има годишен обрт од 180 милиони евра и 800 вработени, а покрај во Италија има капацитети и во Швајцарија, Франција, Германија и САД.