Кралев: МОН нема да донесе одлука спротивна на националните интереси
Наш национален интерес е студиите по македонски јазик да останат и тоа никој не може да го оспори ниту да го доведува во прашање. Но, наша обврска е исто така за тие студенти што ќе ги завршат студиите да најдеме начин да не бидат на листата за вработување подолг период како што е сега случајот, изјави министерот за образование и наука Панче Кралев во врска со реакциите по објавената анализа за суфицитарни струки и препораката за мирување на македонистичките студии.
Одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција, Кралев нагласи дека нема укинување на студиски програми на факултетите и институтите и дека целта на анализата била да ја прикаже во јавноста структурата на невработени лица. Додаде дека таа не е единствен фактор според кој во иднина ќе се утврдуваат квотите за упис на универзитетите.
- Во овој момент ние немаме донесено одлука и МОН нема да донесе одлука спротивна на националните интереси, а уште помалку ако таа е спротивна на потребите на факултетите. Го разбирам ставот на академската заедница и заедно со неа во наредниот период ќе издефинираме што е потребно од аспект на квалификувана работна сила, рече Кралев.
Коментирајќи некои мислења дека наместо мирување треба затворање на дисперзираните студии, министерот одговори дека се разгледува можноста за разместување на некои дисперзирани студии што би одговарало на потребите на пазарот на трудот.