Почна Националната скрининг-програма за рано откривање на рак на дојка
Почна спроведувањето на Националната скрининг-програма за рано откривање на рак на дојка. Во повеќе градови низ Македонија вчера и завчера се извршени речиси 200 мамографски скрининзи. За денеска се закажани 148 скрининзи во јавните здравствени установи низ државата.
Република Македонија е 27. земја во светот која воведува ваква скрининг-програма согласно европските и светски стандарди.
Мамографскиот скрининг, кој е бесплатен за секоја жена, претставува периодично правење на мамографија на навидум здрава жена без присутни симптоми на рак, со цел откривање на заболувањето во неговиот претклинички стадиум.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека на почетокот скринингот се врши во 17 јавни здравствени установи низ државата кои се опремени со апарати за мамографија, меѓу кои се здравствените домови Железничар и Скопје, Градската општа болница „8 Септември“, Здравствена станица Железара, здравствените домови во Неготино, Вевчани, Свети Николе, Кратово, Ресен, Берово, Пехчево, општите болници во Велес, Струмица, Струга и Кичево, како и во клиничките болници во Битола и во Тетово.
Посочи дека во проектот ќе бидат вклучени и Клиниката по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, како и болниците во Охрид, Прилеп, Кавадарци, Кочани и Штип, за кои веќе е во тек набавката на нови мамографи со средствата кои ги обезбедиле од остварените заштеди од набавката на инсулини и ленти за мерење на шеќер. Скринингот, појасни, го вршат обучени технолози и доктори-специјалисти во областа на радиологија.
Од речиси 200 скрининзи на 7 април се извршени 92, а вчера 97 и тоа во Општата болница Струмица – 20 скрининзи, Клиничка болница Битола – 15 скрининзи, Клиника за радиологија – 17 скрининзи, Здравствен дом Ресен – 20 скрининзи, Здравствен дом Кратово – 19 скрининзи и Здравствен дом Вевчани – 20 скрининзи.
- Првично, со мамографскиот скрининг ќе бидат опфатени жените на возраст од 50 години (околу 14.000 жени), кои се асимптоматски (навидум здрави) жени и кои, согласно податоците од системот МојТермин, не направиле мамографска контрола во последните две години. Планирано е до крајот на 2016 година на мамографски скрининг да бидат поканети околу 250.000 жени на возраст од 50-69 години, рече Тодоров.
За почеток, нагласи, повикувањето за мамографски скрининг го вршат установите телефонски, а понатаму ќе се воспостави практика на писмено известување со адресирана покана до секоја жена која спаѓа во предвидената возрасна група.
Тој потенцира дека прегледите се закажуваат во точно определени термини, и вообичаено во работните денови термините се после 14 часот, а во некои установи се дефинирани термини и за викенд.
- Во просек, во установите каде има поголем број доктори-радиолози дефинирани се околу 160 термини за мамографски скрининг месечно, додека во останатите околу 80 термини месечно. За оваа активност веќе се информирани и матичните лекари, а ќе бидат изготвени и едукативни материјали со цел поголем одѕив за скринингот кај оваа категорија жени. Секоја заинтересирана жена која спаѓа во оваа возрасна група може да се обрати до Министерството за здравство на телефонскиот број (02)15 444 или на маил-адресата: mamografijaskrining@zdravstvo.gov.mk и да остави податоци за контакт, рече Тодоров.
Резултатот од извршениот мамографски преглед, појасни, се испраќа писмено на домашната адреса на жената, при што жената се информира дали наодот е уреден или е потребно да се извршат дополнителни иследувања.
- Резултатите ќе се архивираат во здравствената установа, како и во електронскиот Регистар за скрининг за рак на дојка кој се подготвува за оваа намена. Мамографскиот скрининг е особено значајна мерка за заштита на здравјето на женската популација, особено на жените кои спаѓаат во поризична група за појава на рак на дојка. Ова е најчестото малигно заболување кај жените, кое според статистичките податоци се појавува кај секоја 8ма жена во светот. Со откривање на заболувањето во рана фаза, значително се намалува стапката на смртност, а токму организираниот мамографски скрининг е една од најзначајните мерки за рано откривање на рак на дојка, додаде Тодоров.
Доктор Светлана Темелковска од Клиниката за радиологија рече дека мамофграфскиот скрининг многу ќе значи за подобрување на квалитетот на здравјето на жената.
- Целта е ние да го најдеме карциномот пред да го најде жената. Факт е дека ракот на дојката е најчесто малигно заболување кај жената и дека работиме согласно европските и светски стандарди за рано откривање на ракот на дојката и значително ќе се намали смртноста од него. Ќе добиеме точни ажурирани статистички податоци и се надевам подобро здравје. Мојата препорака е: грижете се за вашето здравје и правете редовни здравствени контроли, истакна Темелковска.
Посочи дека промените на кои жената треба да внимава се појава на грутка, црвенило или оток, секрет од дојка и која било нова промена на дојка. Додаде дека жени на возраст од 40 до 50 години треба да се јават кај матичните лекари ако имаат некои од овие промени.
Златко Стојковски, радиолог во Градската општа болница „8 Септември“, рече дека од кај жени на возраст од 49 до 59 година процентот на карцином на дојка е најголем.
- Верувам дека ќе има многу повеќе простор во дијагностика кај оние жени што се под таа старосна граница, додаде Стојковски.