Министерот Сарачини и директорот на СБ за Македонија, Бурунчук во посета на градинката „Сончоглед“ во Автокоманда

Министерот за економија Ваљон Сарачини и директорот на Светската банка за Македонија Лилија Бурунчук, денеска ја посетија градинката „Сончоглед“ во скопската населба Автокоманда, за да видат до каде се градежните работи за подобрување на енергетската ефикасност на објектот.

„Сончоглед“ е една од трите градинки во општина Гази Баба, која лани беше избрана на јавен повик за подобрување на енергетска ефикасност во рамките на ГЕФ Проектот за одржлива енергија што го реализира Министерството за економија во соработка со Светската банка. Првата негова фаза, се очекува да биде целосно завршена во наредните неколку недели, а според најавите реновирањето на градинката ќе заврши за две недели.

- Проектот, чија вкупна вредност е околу 1,5 милиони долари, годинава се спроведува во шест општини, Кавадарци, Чешиново-Облешево, Зајас, Боговиње, Кисела Вода и Гази Баба со по три објекта, градинки или училишта. Неговата цел е реконструкција на училишни згради и градинки за зголемување на нивната енергетска ефикасност, изјави министерот Сарачини при посетата на градинката.

Од рекнострукцијата, посочи, се гледа дека објектот наликува на нов и сигурно е дека децата во него ќе имаат подобри услови за престој.

- Од јануари почнува втората фаза од проектот, но со кофинасирање во соработка со општините во вкупна вредност од два милиони долари, од кои еден милион ќе бидат обезбедени од Светска банка. Ќе бидат опфатени 24 градинки и училишта, рече Сарачини.

Директорката Бурунчук истакна дека 170-те градинки во Македонија во моментов годишно трошат енергија во вредност  од околу четири милиони евра.

- Скоро 50 проценти од таа енергија можат да бидат заштедени преку соодветни мерки за енергетска ефикансот. Слични заштеди можат да се направат и во други јавни згради  како што се училиштата и болниците. Токму заради тоа Светска банка и Министерството за економија ја започнаа програмата за мерки за енергетска ефикасност финасирана од Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), рече Бурунчук.

Се предвидува, прецизира, термална изолација на ѕидовите и покривите и замена на прозорците и на системите за греење со енергетски поефикасни.

- Оваа градинка се очекува по реновирањето да ја намали својата годишна сметка за затоплување  за околу 14.000 евра. Заедно со  останатите пет општини во кои се спроведува проектот заштедите на годишно ниво можат да достигнат до 140.000 евра, рече Бурунчук.

Градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски истакна дека со овој проект покрај градинката „Сончоглед“ се реконструираат и градинките „Сонце“ и „Синоличка“ во населбата Ченто.

- Вкупната вредност на градежните зафати е околу 340.000 долари од кои 300.000 долари се обезбедени од Светска банка, а 40.000 се инвестиција на општина Гази Баба, појасни Трајковски.

Општина Гази Баба, рече, отпочна процедура за изработка на студија  за енергетска ефикансост за сите преостанати 22 основни училишта и градинки на нејзината територија и за уличното осветлување и во наредниот период ќе се посвети на подобрувањето на енергетската ефикасност.