Владата ги прифати измените на Законот за азил, ќе се носат по скратена постапка
Владата на синоќешната седница ги прифати измените на Законот за азил и привремена заштита со кој се предвидува мигрант што ќе ја помине границата да добие потврда дека во земјава може да остане најмногу 72 часа по што ќе мора да ја напушти Македонија или да побара азил. Законот ќе се носи по скратена постапка.
- Согласно усвоените законски решенија странец на граничен премин или во внатрешноста на земјата пред овластен полициски службеник може усно или писмено да искаже намера за поднесување барање за признавање на правото на азил. По искажување на намерата полицискиот службеник врши евиденција на странецот кој ја искажал намерата и го информира и упатува дека во рок од 72 часа странецот може да го поднесе барањето за признавање на правото за азил пред надлежните органи, изјави за МИА владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Владата формираше и работна група составена од министрите за внатрешни работи, за надворешни работи, за здравство, за труд и социјална политика и за локална самоуправа која, како што посочи Ѓорѓиев, ќе ги следи состојбите, ќе ги координира активностите, ќе презема мерки и чекори во рамки на надлежностите на институциите за надминување и менаџирање со овие предизвици кои претставуваат еден регионален феномен.
Покрај ова, претставници на овие пет министерства на дневна основа ќе имаат средби и координации.
Со овој Закон, кој според најавите ќе се носи по скратена постапка, се очекува на мигрантите да им се олесни транзитот низ земјава. Измените ќе влезат во собраниска процедура во најбрз можен рок, а се очекува да биде донесен до почетокот на следната недела.
Жители на земји од Блискиот исток како Сирија, Иран и Авганистан и други, кои сакаат да стигнат до земјите од Западна Европа, секојдневно илегално ја поминуваат границата со Република Грција и влегуваат на територијата на Република Македонија.
Илегалните мигранти територијата на земјата ја минуваат пеш или со велосипед, бидејќи не смеат да користат воз или јавен превоз. Со законските измени, мигрантите во тие 72 часа ќе имаат право да користат јавен превоз, односно возови и автобуси.
Мигрантите во изминатите месеци се движеа и долж железничката пруга, каде се случија неколку несреќи.