Одобрени над 20 милиони евра субвенционирани станбени кредити
Речиси 600 семејства преку проектот „Купи куќа, купи стан“ досега го решиле прашањето за сопствен дом. Државата помогна со 3,5 милиони евра субвенции преку овој проект, вели вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески во интервју за МРТ. Математиката е следна- ако еден граѓанин земе станбен кредит од 40 илјади евра, плаќа месечна рата од околу 250 евра- половина од оваа месечна рата преку проектот „Купи куќа, купи стан“ плаќа државата. Ако станува збор за куќа, поддршката од државата е поголема...
Од стартот на саемите за „Купи куќа, купи стан“ занчително е зголемен бројот на одобрени станбени субвенционирани кредити од проектот. Колку станбени кредити досега се одобрени?
Проектот „Купи куќа, купи стан“ фати добар залет. 593 семејства во Република Македонија го решија станбеното прашање, прашањето за сопствен дом со проектот „Купи куќа, купи стан“. За илустрација, со овој проект банките досега имаат одобрено вкупно 20 милиони и 250 илјади евра станбени кредити, што се поддржани со над 3,5 милиони евра субвенции преку проектот „Купи куќа, купи стан“. Значи, 20 милиони евра станбени кредити се одобрени на граѓаните со поддршка на проектот „Купи куќа, купи стан“, и тоа во сите градови низ Македонија. Нормално, во Скопје најмногу се одобрени во општините Кисела Вода и Аеродром, потоа доаѓаат и другите општини, но имаме и во внатрешноста на Македонија- на пример во Битола имаме 40 одобрени кредити, во Струмица- 31, во Куманово 30-тина итн. Низ цела Република Македонија, граѓаните го препознаваат проектот и со негова помош го решаваат прашањето на сопствен дом.
Помошта е многу важна на почетокот. Колку субвенции досега се доделени со овој проект?
3,5 милиони евра се субвенциите кои со проектот се вкупно одобрени досега, но да дадам и еден пример за тоа поединечно што можат да добијат граѓаните- ако сака еден граѓанин да земе на пример 40 илјади евра кредит од банка за купување на стан или за куќа, месечната рата за тој кредит од 40 илјади евра, доаѓа некаде околу 240-250 евра. Половина од таа сума, што значи 120-125 евра, покрива граѓанинот, додека половина покрива државата, во првите пет години. Ако станува збор за куќа, уште повеќе покрива државата, некаде од прилика 180 евра, а 60-70 евра плаќа граѓанинот. Тоа покажува дека проектот е добар токму во оној првичен период, кога е најтешко, кога луѓето собираат од секаде пари за да ја стокмат ратата, а Владата со овој проект помага тие да можат да ги пребродат овие првични години. Потоа, се разбира, низ животот и кариерата се подобрува приходот, па ќе биде полесно за граѓаните да го плаќаат кредитот.
Какви се плановите, дали може да се очекуваат нови саеми за проектот „Купи куќа, купи стан“?
Се покажа дека саемите се вистински погодок. Од кога го организиравме саемот во „Сити мол“, па во „Рамстор“ преку директни средби, граѓаните многу подобро се информираат за можностите што ги нуди проектот. Преку 250 барања и кредити се одобрени од октомври 2014-та па наваму, од првичниот саем, и преку караванот „Купи куќа, купи стан“ што организираше средби со граѓаните низ Република Македонија. Токму затоа, ние планираме по летните месеци, на почеток од септември да продолжиме со караванот „Купи куќа, купи стан“, со организација на средби меѓу градежните компании, банките, Министерството за финансии и граѓаните низ цела Република Македонија. Во меѓувреме, секако останува отворена канцеларијата во Министерството за финансии, каде секој ден граѓаните кои се заинтересирани за овој проект може да дојдат во Министерството за финансии и на лице место со стручните лица од Министерството да ги добијат сите потребни информации и да се решат да земат кредит и да го решат прашањето на сопствен дом.
Извор: Македонска Радио Телевизија