Груевски: Досега доделени над 32.000 ваучери за студенти
Проектот за доделување ваучери за таблети со тастатура за студентите чии родители се со пониски примања практично може да се каже дека заврши, и вкупно беа доделени 5.243 ваучери за набавка на таква опрема. Ова го истакна премиерот Никола Груевски во одговор на новинарско прашање по пуштањето во употреба на двојното тениско игралиште во ОУ „Кочо Рацин“ во општина Петровец.
- Со ваучерите во вредност од 8.000 денари студентите си набавија таблет со тастатура и тоа е од голема помош на сите студенти чии родители имаат пониски примања или пак се без работа итн. за да можат да дојдат до ваква опрема, рече премиерот Груевски.
Нагласи дека досега Владата на трипати доделуваше ваучери за набавка на ИТ опрема од кои во 2008, 2011 и 2013 година беа доделени вкупно 27.000 ваучери. Со новите 5.243 бројката, како што рече, ќе надмине 32.000 ваучери.
- Сметам дека оваа мерка е од голема помош за сите оние студенти кои не можат или пак многу тешко може да дојдат до ваква опрема. Ова е сериозна интервенција на државата за нив и многу им значи. Можеби е многу лесно за некој кој не му е проблем да набави и му се чини дека ова што го прави Владата не е ништо, но за оние што не можат да го купат, а сакаат да го имаат истото што и нивните врсници во студентските клупи значи многу, рече Груевски, нагласувајќи дека тоа е одличен чекор што го презела Владата кој доста помогнал на ИТ пазарот со овозможувањето на дополнителна набавка на ИТ опрема.