Јолевски - Фаркаш: Билатералните односи во одбраната на високо ниво
Република Македонија е подготвена да го заземе своето заслужено место како полноправен член на НАТО, истакнал министерот за одбрана Зоран Јолевски на денешната средба во Министерството со заменик - помошникот секретар за одбрана на САД Евелин Фаркаш.
Стратешки цели на Македонија, нагласил Јолевски, остануваат членство во Алијансата и во Европската Унија, соопшти денеска Министерството за одбрана.
- Реформските процеси се движат со високо темпо, а со тоа ние влијаеме и врз развојот на капацитетите на Армијата на Република Македонија, рекол министерот Јолевски. Пример за тоа, додал, се планираната модернизација на АРМ и натамошно зајакнување на обученоста на припадниците на АРМ и тоа преку процесот на прием на професионални војници, со цел – прием на најквалификуваните кадри во редовите на Армијата. Како начин на развој на одбраната министерот Јолевски, стои во соопштението, ја споменал и Воената академија на која во текот на оваа школска година ќе започне да се предаваат предмети на англиски јазик во трета и четврта година, со што ќе се влијае на можноста за размена на студенти со земјите-партнери.
Заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД, Фаркаш, истакнала дека САД ја поддржуваат Македонија во процесот на добивање полноправно членство во Алијансата, а се и исклучително благодарни за учеството на припадниците на Армијата во меѓународните мисии за поддршка на мирот.
- Македонските мировници се едни од највизибилните во Авганистан. Кога ќе помислам на мисијата, тие се првите кои ми доаѓаат на ум. Станува збор за вистински професионалци со високо развиени квалитети и капацитети, додал Фаркаш.
Министерот Јолевски и заменик-помошникот Фаркаш, се вели во соопштението, се согласиле дека билатералните одбранбени односи помеѓу двете земји се исклучително високи, а во иднина треба да се задржи истото темпо и воедно да се изнајдат нови иновативни можности и начини за нејзин дополнителен развој.