Премиерот Груевски се сретна со членовите на Специјалната олимпијада
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (петок, 14 август 2015 година) ги прими членовите на Специјалната Олимпијада Македонија кои учествуваа на Светските летни олимписки игри на Специјалната олимпијада одржана во Лос Анџелес, Соединетите Американски Држави.
Премиерот Груевски упати честитки за остварениот успех и ангажманот на членовите на македонската специјална олимпијада што резултираше со значаен успех и извојување на 12 медали.
Претседателот на Владата на Република Македонија Груевски истакна дека развивањето на спортскиот дух, ентузијазмот и волјата и подготвеноста која ја покажуваат учесниците на олимпијадата во различните спортови е за почитување и доказ за нивниот посветен пристап, но и пример кој треба да го следат сите останати.
На премиерот Груевски членовите на Специјалната Олимпијада Македонија му доделија признание изразувајќи благодарност за поддршката и ангажманот на Владата која нивната организација ја добива во реализација на активностите.
Информирајќи го премиерот Груевски за постигнатите резултати и пренесувајќи ги личните искуства од натпреварувањата во сите дисциплини каде учествуваа, членовите на Специјалната Олимпијада истакнаа дека учеството на ова натпреварување претставува најуспешен настап на македонска делегација на некои олимписки игри од ваков карактер.
Премиерот Груевски изрази подготвеност и отвореност за понатамошна поддршка и соработка со Специјалната Олимпијада Македонија.