Груевски: Реализиравме повеќе инфраструктурни проекти во Виничко, продолжуваме со поддршката на овој регион
Двојно тениско игралиште чија инвестиција е околу 12 милиони денари предадено е денеска во употреба во Виница во рамки на владиниот проект за изградба на 120 тениски игралишта.
Објектот го предаде во употреба премиерот Никола Груевски кој истакна дека Владата во континуитет и без запирање ги реализира големиот број проекти поврзани со развој на спортот во земјава.
- Во изминатите неколку години спортистите и спортот претставуваат еден од нашите врвни приоритети што е една сосема поинаква слика од минатото во кое спортот стагнираше, а изградба на спортски објекти скоро воопшто и да немаше. Денеска сликата е многу поинаква. Денеска се гради насекаде, во секој дел од државата. Во делот на спортските проекти денеска со задоволство го пуштаме во употреба и новото тениско игралиште кое претставува инвестиција од 12 милиони денари, рече премиерот Груевски.
Тој потсети дека покрај изградбата на ова тениско игралиште во Виница успешно беше надградена спортската сала „Капетан Кирчо Димитров“. Минатата година беше изградено и пуштено во употреба првото повеќенаменско спортско игралиште во Истибање, а наскоро ќе започне да се гради уште едно вакво повеќенаменско спортско игралиште во Виница.
Покрај инвестирањата во спортот, тој потсети дека Владата заедно со општината Виница во изминатиот период реализираа повеќе инфраструктурни проекти од значење за граѓаните на општина Виница, а посебно го нагласи значењето на индустриската зона во оваа општина и изградбата на технолошко-индустриската развојна зона помеѓу Виница, Зрновци и Кочани.
- Овие две зони се основата за привлекување на нови инвестиции во овој регион, основа за изградба на нови фабрики, намалување на невработеноста и за заживување на економијата во Виница. На ова поле постојано работиме и се надевам дека што поскоро ќе имаме некој нов инвеститор во регионот, рече премиерот Груевски.
Меѓу проектите во виничкиот регион кои досега се реализирани, Груевски ги посочи помошта при изградба на Дневниот центар за стари лица и нова градинка во Истибања, реконструкција на ОУ „Гоце Делчев“ во тоа населено место, потоа изградба на атмосферска канализација за локалните жители, изградба на дел од патот Липец – Осојница во должина од 2,5 километри кој годинава треба да се заврши со изградба на преостанатите 2,5 километри од патот.
- Ова е уште едно од нашите ветувања дадени пред виничани и наскоро и ова ветување ќе биде во целост исполнето. Продолжуваме со поддршка за општина Виница и за сите проекти од интерес за граѓаните, како и со реализација на сите владини проекти кои се од општо добро за целокупниот регион, порача премиерот Груевски.
При предавањето во употреба на новото тениско игралиште се обрати градоначалникот на Општина Виница Емил Дончев кој истакна дека во Виница многу се вложува за поттикнување на спортот.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Маријан Спасески подвлече дека новото тениско игралиште е изградено според стандардите на Светската тениска асоцијација. Нагласи дека од вкупно 120 тениски игралишта кои треба да се изградат согласно владиниот проект, 49 се предадени во употреба, а 26 се во фаза на изградба.
Тениското игралиште ќе биде ставено на располагање на учениците од ОУ „Гоце Делчев“, како и на останатите граѓани за спорт и рекреација. Спортскиот објект располага со осветлување, пристапни патеки и целосна инфраструктурна приклученост.
Премиерот Груевски денеска во Виница ги посети и производствените капацитети на компанијата „Макпрогрес“, која е позната по брендот „Винчини“, еден од широката палета производи на компанијата.
Предвидено е шефот на Владата да ја посети и општина Берово каде ќе пушти во употреба пешачка патека околу Беровското Езеро, а ќе присуствува и на поставување камен-темелник за изградба на фекална канализација за продолжување на главниот колектор во туристичката населба Беровско Езеро.