Нова градинка во Моноспитово, ќе бидат згрижени 40 деца
Во село Моноспитово, Општина Босилово, денеска е пуштена во употреба првата градинка за деца од претшколска возраст, проект за кој Владата и Општината заедно имаат издвоено 5,5 милиони денари.
Премиерот Никола Груевски на пуштањето во употреба истакна дека изградбата на оваа градинка е од исклучителна важност за иднината на општина Босилово, особено затоа што е тоа општина во која бројот на новородени деца е во нагорна линија.
- Посебно карактеристичен е растот на третородени деца. Во 2008 година во општина Босилово имало 14 семејства кои се решиле за трето дете, а во измината 2014 бројот на семејства кои добиле трето дете се искачил на 23, што претставува раст од 64 проценти. Тоа се одлични показатели и таквите трендови мора да продолжат и дополнително да се прошират, рече премиерот Груевски.
Тој истакна дека Владата заедно со општината и градоначалникот на Босилово изминатиот период реализираа голем број проекти, како што се изградба на патишта, изградбата на новиот водовод во Моноспитово, пуштањето на новото фудбалско игралиште во Секирник, на повеќенаменско спортско игралиште во Петралинци и на училишна спортска сала во Иловица, а воедно најави и нови проекти. Меѓу новите проекти кои претстојат премиерот Груевски ги спомена доизградба на патот Босилово – Радово, изградба на патот Бориево – Еднокуќево за кои се обезбедени 20 милиони денари, а обезбедени средства и за изградба на најдолгата улица во Моноспитово чија изградба треба да биде завршена оваа есен.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека отворањето на детската градинка е на барањето на жителите на ова место и е потврда за добрата соработка на Министерството со општините.
- Незапаметена е ваквата посветеност на потребите на руралните подрачја. Ова денес е 33-та детска градинка која ја отвораме само за последниве 2,5 години. Овде нема да застанеме и активно ќе бидеме посветени на отворање нови капацитети за згрижување на деца од предучилишна возраст преку проектот за изградба на 40 детски градинки, рече министерот Спасов.
Градинката е сместена во адаптиран објект во рамки на Основното училиште „Борис Трајковски“. Има капацитет за згрижување на 40 деца. Објектот располага со три занимални, кујна, трпезарија, котлара и се што е потребно за функционирање на еден ваков објект.
Премиерот Никола Груевски придружуван од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и од министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, како и од неколку пратеници од струмичкиот регион продолжува со посета на населеното место Турново.