Груевски: Од октомври нови регионални и магистрални патишта, вредни над 10 милиони ева
Веќе се започнати подготвителни активности и за многу краток период почнуваме со рехабилитација на магистралниот пат Битола - Ресен - Буково во должина од 27 километри, во вредност од околу шест милиони евра, а наскоро и на патот Неготино - Радовиш, најави денеска премиертот Никола Груевски, одговорајќи на новинарски прашања при посетата на Младо Нагоричане.
Во октомври ќе почнат градежните работи и на нови четири регионални и магистрални патни правци.
- Станува збор за Делчево - Голак, 11,5 километри, Мелнички мост - Центар Жупа, осум километри заедно со претходниот вредни 1,2 милиони евра, Лажани - Ропотово - Црнилиште во должина од 17 километри, Кривогаштани - Обршани - Воѓани од 9,5 километри, во вредност од 3,2 милиони евра. Што значи дека само во октомври почнуваат четири регионални и магистрални патишта, со вкупно 46 километри и со вкупна вредност на инвестирање од 4,4 милиони евра, кои очекуваме да бидат завршени за 12 месеци, посочи премиерот Груевски.
Тој најави дека покрај овие регионални патни правци, во февруари идната година ќе почне и реконструкција на автопатот Куманово - Скопје, значаен проект за Куманово, но и за државата. Тендерот е распишан, а се работи за проценета вредност од 16 милиони евра, истакна Груевски.