За две години нова зграда на државното станбено претпријатие
Камен темелник за нова административна зграда на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката е поставен денеска, во непосредна близина на Министерството за надворешни работи.
Вкупната инвестиција во објектот, што ќе се протега на градежна парцела од 1.547 метри квадратни, изнесува 520 милиони денари. Ќе се гради објект на шест ката со 6.400 метри квадратни административен простор и девет деловни простории од 408 метри квадратни.
Изградбата треба да заврши кон крајот на 2017 година со што 180 вработени во Акционерското друштво ќе добијат нови простории за работа, наместо постоечките бараки на улицата „Орце Николов“, изградени по земјотресот.
- Со оваа инвестиција креираме интегрален простор во кој на едно место ќе бидат сместени сите служби на претпријатието што значително ќе влијае врз продуктивноста и квалитетот на услугата што се дава на граѓаните, рече на свеченоста премиерот Никола Груевски, потенцирајќи дека стартот на градежните активности е во пресрет на Денот на независноста - 8 Септември.
Со новиот објект, според премиерот, долгорочно ќе се заштедат буџетски средства кои непотребно се одлеваат за загревање, ладење и одржување на постоечките бараки на претпријатието. Дополнителна финансиска придобивка треба да биде и давањето под наем на дел од просториите на новиот објект од што се очекуваат нови приходи за државата.
- Проектите како овој се одличен чекор напред кон модернизација на државниот апарат. Во таа насока од година во година го намалуваме бројот на институции за кои се плаќа кирија, сместени во дотраени објекти од времен карактер и во кои е тешко да се обезбедат добри услови за работа. Тоа значи и постепена промена на сликата на државната администрација на која секако дека влијаат и објектите во кои е сместена, рече Груевски.
Според него, ќе продолжи изградбата на објекти со што трајно ќе се затворат прашањата околу сместување на државните институции и ќе се стопира непотребното одлевање милиони евра за кирии и трајно се подобруваат условите за работа.
- Принципот на домаќинско работење кое резултира со креирање подобри работни услови, поголема продуктивност, но и поголема економичност во работата на државните институции продолжува да биде сила која влијае врз мерките и политиките кои ги создаваме, рече Груевски, потсетувајќи дека досега долгорочно се решени проблемите со сместување на повеќе министерства, државни агенции и институции од областа на културата.
Директорот Цветко Грозданов укажа дека вработените во АД за стопанисување со станбен и деловен простор работат во супстандардни услови во бараки изградени по земјотресот, покриени со салонитни табли, без енергетска ефикасност, дотраена дрвена конструкција.... - Со изградбата на новиот објект на вработените им се овозможува подобри услови за работа, ќе се намалат нерационалните трошења за вода, струја и топлење и на подолг временски период претставува оправдано економско вложување, рече Грозданов.
АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор постои од 1961 година кога работеше како Дирекција за станбено стопанисување. Функционираше и како Завод за стопанисување, СИЗ, ПУИК, Јавно претпријатие....