Министерот Бесими се сретна со кинескиот колега Лианг Гунагли
Зајакнување на досегашната позитивна соработка и отворање нови можности за нејзино продлабочување, размена на искуствата во однос на реформите во областа на одбраната и поддршка во меѓународните мировни мисии, беа во фокусот на разговорите на денешните средби на министерот за одбрана Фатмир Бесими со министерот за одбрана на Народна Република Кина, генерал Лианг Гунагли и со потпретседавачот на Централниот воен комитет, генерал Гуо Боксиан, во рамки на официјалната посета на Пекинг.
Mинистерот Бесими по средбите изјави дека било разговарано и за отворање првпат на позицијата воено аташе на Република Македонија во НР Кина, како исклучително важно за зајакнување на билатералните односи на двете министерства за одбрана.
- Изразивме благодарност за поддршката на меѓународната сцена односно за признавањето на Република Македонија под уставното име, како и за поддршката во сите процеси на патот кон евроатлантските интеграции, изјави министерот Бесими, подвлекувајќи дека НР Кина е значајна земја на светско ниво, постојана членка на Советот за безбедност на ОН, како од економски аспект, така и од аспект на одбраната и безбедноста.
Според началникот на Генералштабот на АРМ, Горанчо Котевски, кој го придружува министерот Бесими, средбите во Пекинг се потврда на досегашната соработка, но дoдaваат и нов импулс во понатамошните односи.
- АРМ ќе продолжи со соработката со кинеската армија, особено во областа на размена на искуства во мировните операции и во обуката на специјалните единици, изјави началникот на ГШ на АРМ, Котевски.
Македонскиот министер за одбрана денеска го посети и Националниот универзитет за одбрана.
Делегацијата од МО и ГШ на АРМ, предводена од министерот за одбрана Фатмир Бесими, како што е најавено, утре во Пекинг ќе го посетат Центарот за обука за операции за чување на мирот.