Со проект на УСАИД ќе се подобрува енергетската ефикасност во седум македонски општини
Енергетската ефикасност на 26 станбени згради во седум македонски општини во наредните три години ќе се подобрува со проектот на УСАИД и Хабитат Македонија „Енергетска ефиканост за секторот домување“, чие спроведување почнува од денеска. Проектот предвидува поставување изолација на фасадата и на покривот на зградите и замена на прозорците и вратите со енергетски поефикасни.
Во рамки на проектот, кој ќе се реализира по пат на јавно-приватно партнерство во договор со општините, ќе бидат спроведени активности за подигање на јавната свест за енергетската ефикасност во колективните станбени објекти и за подобрување на нивното управување. Се предвидува и поттикнување на инвестиции, претприемништво и создавање работни места во секторот за енергетска ефикасност.
Министерот за економија Ваљон Сарачини кој учествуваше на промоцијата на проектот истакна дека енергетската ефикансост не е врвен приоритет само за јавниот сектор и за индустријата, туку и за домувањето.
- Овој проект има сеопфатен пристап кон подобрувањето на енергетската ефикасност во станбениот сектор преку директна градежна интервенција на зградите, рече министерот Сарачини и нагласи дека подигањето на свеста на луѓето за енергетската ефикасност ќе има позитивно влијание и врз климата и животната средина.
Прокетот предвидува, нагласи, финансиски модели преку кој се овозможува одржливо финасирање и подобрување на енергетската ефикансост на станбените згради. Не станува збор за грантови или подароци како досега.
- Владата енергетската ефикасност како дел од енергетиката ја става меѓу приоритетите во економијата зашто има капацитет да создава нови работни места, да го подобри квалитетот на животот на граѓаните и да го намали увозот на енергија, рече Сарачини.
Тој ја истакна одличната соработка на Министерството со УСАИД во повеќе реализирани проекти.
Директорот на УСАИД Македонија Роберт Вурц рече дека со проектот за подобрување на енергетската ефикасност на колективните станбени објекти се подобрува животот на нивните станари.
Тој прецизира дека проектот ќе се спроведува во Куманово, Тетово, Велес, Карпош, Струга, Прилеп и Струмица.
- УСАИД во 2010 година ги поддржа македонските невладини организации со 700 илјади американски долари, а во 2011 за таа намена се дадени 3,4 милиони долари. Планираме поддршката да продолжи и во наредните пат години, рече Вурц.
Генералниот директор на Хабитат Македонија, Зоран Костов рече дека голем дел од луѓето веќе ги чувствуваат импликациите од големото трошење на енергијата во домовите, но истакна, не се доволно свесни дека со одредени интервенции можат да направат заштеди во сметките за енергија.
- Со последните зголемувања на цените на енергенсите тоа станува особено актуелно, рече Костов и додаде дека со зголемувањето на енергетската ефикасност заштедите се движат од 20 до 40 проценти во потрошувачката на енергија.
Тој нагласи дека во Македонија релативно мал процент од зградите имаат добра енергетска ефикасност и оти за најголемиот дел од нив може да се каже дека се енергетски неефикасни.
- Во периодот на 60-тите, 70-тите и 80-тите години од минатиот век кога е најголем инттензитетот на станбената изградба во Македонија цената на енергијата била многу ниска заради што немало потреба од грижа за енергетската ефикасност. Сега кога цената на енергијата се приближува до пазарната, вклучително и на електричната енергија, луѓето се почесто го поставуваат прашањето дали можат да заштедат и да ги намалат трошоците за енергија, појасни Костов.
Хабитат Македонија веќе реализира пилот проект во неколку македонски општини за подобрување на енергетската ефикасност на колективни станбени објекти за домување со бесплатна замена на прозорците со енергетски поефикасни и вградување изолација на фасадата и на покривот. Главен критериум за нивен избор беа просечните месечни примања на станарите во зградите.