Почна изградбата на затворен базен во Охрид
Изградбата на затворениот базен во Охрид е едно од децениските барања на жителите на Охрид кое низ годините беше тема на разни политички манипулации и шпекулации. Многумина ветуваа, многумина ќе го градеа овој базен, но реалноста е таа. Нашиот најголем град кој излегува на Охридското Езеро, градот со огромен број пливачи и љубители на водните спортови никогаш во минатото не добил затворен пливачки базен. Таквата реалност конечно се менува. Ние ветивме и за разлика од другите не заборавивме на ветеното. Зборот си е збор и ние држиме до зборот. По тоа сме и препознатливи кај народот, истакна премиерот Никола Груевски денеска во Охрид, означувајќи го почетоткот на изградабата на затворен базен во спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“.
Инвестицијата е вредна 298 милиони денари, или околу пет милиони евра, а треба да заврши за 30 месеци. Објектот ќе има два базени, фитнес клуб, продавница за спортска опрема, комерцијален и административен простор, кафетерија, спа и велнес центар и голем подземен магацински простор. Ќе се гради по стандарди и технологија за градење базенски корита која досега не е применета на ниту еден ваков објект во Македонија, а ќе биде и енергетски ефикасен со инсталирана соларна опрема и геотермални пумпи кои ќе го направат неговото користење во зима поевтино.
- Со овие средства во наредните 30 месеци ќе се гради затворен пливачки комплекс кој ќе опфаќа два базена, од кои еден помал за деца и за обука на непливачи и еден поголем базен со ватарполо димензии. Покрај базените, комплексот ќе располага со трибина со капацитет од 500 седишта, помошни простории за фитнес клуб, спа и велнес центар, простор за пинг-понг, продавница за спортска опрема, ресторан, игротека и комерцијален административен простор, истакна Груевски.
Објектот, нагласи тој, ќе овозможи сите млади спортски и рекреативци кои сакаат да се занимаваат со пливање, ватарполо или други водни спортови да имаат место каде во текот на зимата и во текот на целата година ќе можат да спортуваат и да се рекреираат. Покрај спортскиот аспект, според премиерот, новиот базен со својот изглед ќе има и значајно уметничко и визуелно значење за градот Охрид. Тоа, нагласи, ќе биде уште еден објект препознатлив за Охрид со кој охриѓани ќе се гордеат.
- Во охридскиот регион во изминатиот период инвестиравме над два милиона евра за изградба на спортски објекти, а во наредниот период ќе има многу поголеми инвестиции. Во СЦ „Билјанини извори“ покрај изградбата на базенот го изградивме и опремивме фудбалското игралиште со вештачка трева, а во наредниот период предвидено е да се градат и три тениски терени и три повеќенаменски спортски игралишта, истакна Груевски.
Во обраќањето пред присутните тој потсети на реализираните проекти во Охрид меѓу кои санација и адаптација на спортската сала во ОУ „Живко Чинго“, реконструкција и санација на 11 училишни објекти и санација на студентскиот дом, туризмот, културата, изградба на патишта...
- Кон крајот на месецов ќе почне санација на училишната сала во подрачното училиште „Ванчо Николевски“ во Косел, следната година планирана е изградба на спортска сала во ОУ „Кочо Рацин“, а во наредниот период предвидена е изградба на уште една голема спортска сала во Охрид како и повеќе училишни спортски сали, рече Груевски.
Во делот на образованието, подвлече дека Владата постојано инвестира во новиот Универзитет за информатички науки и технологија „Св. Апостол Павле“ во чија насока е и адаптација на дел од просториите на поранешната касарна во Охрид.
Во делот на туризмот, Груевски нагласи дека ќе продолжат со поддршка за тур-операторите од странство и привлекување на што поголем број странски туристи.
- Се работи на проектна документација за изградба на патека од плоштадот до Канео, почнаа активностите за изградба на пешачка патека во Дебарца, а во подготовка е и проектот за уредување на плажа во Лагадин, посочи Груевски.
Во делот на културата, премиерот ја спомна интензивната градба на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, новиот простор за библиотеката во Охрид, конзервација и санација на повеќе значајни куќи во градот и на црквите „Св. Богородица Перивлепта“ и „Св. Богородица Захумска“. Археолошкиот локалитет Манчевци во целост е завршен, како и проектот за конзервација и презентација на откриените структури од ранохристијанската базилика. Поставени се покривни конструкции на Античкиот театар и Долни Сарај, а издвоени се и средства за санација и конзервација на ѕидните платна од летната сцена Долни Сарај, како и за други проекти во делот на културата.
Во полн ек, според Груевски, е и изградбата на автопатот Кичево - Охрид, а се подготвува проектна документација за новиот експресен пат Охрид - Пештани. Паралелно се прават и повеќе други локални патишта, како што се улиците „Ристо Чадо“ и „Илија Смичевски“ кои денеска ќе бидат пуштени.
Во делот на инвестициите покрај ОДВ Електрик, пред една недела потпишан е договорот со германската компанија „Костал“ која ќе донесе илјада работни места во охридско-струшкиот регион. Во однос на загубарот ЕМО и решавањето на долгогодишното прашање на стечајните работници од оваа компанија, Груевски истакна дека 50 од вработените веќе се преземени од МЕПСО, а за преостанатите преговараат со странска фирма што би ги презела дел од производствените капацитети на ЕМО и обврска да ги задржи работници.
Изградбата на затворениот пливачки базен, според директорот на Агенцијата за млади и спорт Маријан Спасески, е со цел создавање нови генерации пливачи кои ќе продолжат да пливаат по патеките на славните охридски имиња од овој спорт.
- Убеден сум дека со реализацијата на овој капитален спортски објект кој беше повеќедецениско барање на жителите на Охрид и целиот регион ќе успееме да ги реинкарнираме спортовите по кои Охрид беше препознатлив, а тоа се пливањето и ватерполото, рече Спасески.
Главното базенско корито, како што појасни, ќе биде со димензии од 25 метри со 33 метри и стандардна длабочина од два метри и ќе биде наменето за рекреативни пливачи и тренинг на професионални пливачи и ватерполисти, додека малото базенско корито ќе биде со димензии од 12,5 метри должина и 6,25 метри ширина и ќе биде наменето за обука на најмладите посетители и непливачите.
Во рамки на посетата на охридскиот регион, премиерот Груевски денеска го посети Институтот за филм – Филмска академијата Охрид, ја пушти во употреба улицата „Ристо Чадо“, а предвидена е и срдба со граѓани во селата Велгошти и Лескоец.