Премиерот Груевски го посети манастирскиот комплекс „Свети Архангел Михаил“ во Варош
Премиерот Никола Груевски денеска во рамки на посетата на Прилеп го посети манастирскиот комплекс „Свети Архангел Михаил“ во Варош, Прилеп, на кој во тек се работи на реконструкција на источниот конак.
- Почетоците на овој манастир се некаде од 10 век, а првите фрески се од 12 век и од 14 век. Тоа е нешто што е вредно не само за Прилеп, туку и за Македонија. Тука како Влада инвестиравме во изградба на нов конак кој ќе го користат сестрите од овој манастир. Инвестирани се вкупно 18,5 милиони денари, 14 милиони се за објектот, а дополнителни 4,5 милиони се за ентериерот, рече премиерот Груевски кој во обиколката на манастирот беше придружуван од министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска.
Конакот е на вкупна површина од 292 метри квадратни и треба да биде завршен до крајот на оваа година. Проектот го реализира Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп и е во вкупна вредност од 18,5 милиони денари. Манастирскиот комплекс „Свети Архангел Михаил“ датира од 12 век, а првите конаци се изградени во 1831 година.