Груевски: До крајот на годината готови Детската клиника во Козле и ПЕТ центарот
До крајот на годината ќе бидат пуштени во употребата Детската болница во Козле и ПЕТ центарот за рано дијагностицирање на малигни заболувања, најави денеска премиерот Никола Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Груевски посочи дека се работи за два знајачни и крупни проекти со кои ќе се подобрат условите за лекување.
- Едниот е Детската болница во Козле, инвестиција вредна 7 милиони евра која ја почнавме во овој наш мандат и ја завршуваме многу брзо. Во наредните недели ќе биде и официјално пуштена во употреба. Болницата значително ќе ги подобри условите за лекување на деца кои имаат потреба од тоа. Болницата е нова и современа со нова опрема и ќе биде една додадена вредност во нашиот здравствен систем, рече Груевски по означувањето на почетокот на градежните работи за продолжување и изградба на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во скопската населба Бутел.
За ПЕТ центарот, рече Груевски, се инвестирани околу 16 милиони евра и тој се очекува да биде исто така официјално завршен во текот на овој месец.
- ПЕТ-центарот е многу значаен за рано дијагностицирање на малигни заболувања и не е значен само за Македонија, туку има и регионално значење бидејќи такви ПЕТ-центри нема во секоја држава. Во него инвестиравме околу 16 милиони евра. Тој е во самиот финиш и во текот на овој месец ќе биде официјално завршен и пуштен во употреба. Ќе следува неколкумесечен тест-период, околу пет до шест месеци грејс-период согласно меѓународните процедури за ваков вид установи, појасни премиерот Груевски.
Тој најави дека се работи и на други проекти во здравството кои се во насока на подобрување на условите за лекување.