Премиерот Груевски им подари пакетчиња на децата од домот „11 Октомври“
Премиерот Никола Груевски и заменик министерот за турд и социјална политка Диме Спасов денеска беа во посета на Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје каде им доделија новогодишни пакетчиња на децата.
- Сакам да ви ја честитам Новата 2016 година и да ви посакам многу здравје и многу весели и среќни мигови. На крајот на 2016 година не само да бидете пораснати, туку да бидете и помудри, повесели и среќни, им порача премиерот Груевски на дечињата.
Децата изведоа пригодна програма за премиерот и за заменик министерот и им врачија подароци изработени од нивните раце во рамките на креативните работилници во Домот.
Заменик министерот Спасов во изјава за медиумите порача дека Владата во изминатиот период реализира низа проекти кои се во интерес на децата без родители и родителска грижа и најави дека грижата ќе продолжи и во иднина.
- Годинава за 25 проценти го зголемивме паричниот надоместок за згрижувачки семејства кои се најблиски до биолошките и згрижуваат голем број на деца без родители. Почнувајќи од јули Владата издвои дополнителни 12 милиони денари за згрижувачките семејства со што паричниот надоместок кој во минатото изнесуваше од 6.500 до 8.500 денари месечно сега е од 8.000 до 10.500 денари, рече Спасов.
Тој нагласи дека продолжува и реализацијата на проектот „Д10“ за вработување на деца без родители во државната и јавната администрација и додаде дека досега се вработени 143 деца без родители и родителска грижа.
- Продолжуваме и со доделувањето на државни станови на категоријата на лица кои во минатото биле со статус деца без родители и родителска грижа. Веќе се доделени 163 станови, а и секое вакво дете кое е запишано на редовни студии има право на парична помош од 24.000 денари месечно, рече Спасов и нагласи дека со низа други проекти се помага работењето на Домот за згрижување деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“, како и сите други слични установи во Македонија.
Најави дека и во наредниот период ќе продолжи реализацијата на проекти што се во интерес на подобрување на животот на децата без родители и родителска грижа и на оние кои имале таков статус во минатото.
На барање на Домот „11 Октомври“ премиерот Груевски и заменик министерот Спасов на децата за Нова година им подрија и нова машина за перење алишта.