Министерката Канческа-Милевска се сретна со унгарскиот амбасадор Бенце
Досегашната соработка во областа на културата меѓу Македонија и Унгарија беше главна тема на разговор на денешната работна средба на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска со унгарскиот амбасадор во Македонија Јожеф Бенце.
На средбата, министерката Канческа-Милевска се заблагодари за поддршката што Унгарија и ја дава на нашата земја на полето на евроатлантските интеграции и истакна дека меѓу двете земји постои солидно ниво на соработка и во областа на културата.
- Канческа-Милевска и Бенце на средбата се согласија дека е потребна поголема размена на проекти и уметници кои би учествувале на фестивалите во Македонија и во Унгарија, како и поголема директна соработка меѓу институциите во двете земји. Исто така, во насока на зацврстување на културните врски, беше разгледана можноста да се иницира потпишување правен документ со кој формално би се регулирале односите во областа на културата меѓу Македонија и Унгарија, соопшти Министерството за култура.
Министерката за култура информираше дека во наредната година во Будимпешта ќе бидат реализирани повеќе културни содржини, а ќе биде промовирана и едицијата „130 тома македонска книжевност“ на англиски јазик.