Осветени возобновените конаци на Зрзе
Имаме можност да ја промовираме целосната реконструкција на манастирскиот комплекс „Св. Преображение“ – Зрзе. Реконструкцијата на овој духовен центар несомнено ја демонстрира нашата посветеност и нашите заложби да го сочуваме богатото културно наследство кое го поседуваме како држава, да обезбедиме негова соодветна заштита, промоција и достапност до нашите граѓани, порача министерката за култура Елизабета Канческа Милевска при денешната свеченост на осветување и промовирање на реконструираните монашки и владички конак и на партерното уредување на манастрирскиот комплекс Зрзе.
На денешната свеченост присуствува бројни гости како и поглаварот на МПЦ ОА г.г Стефан и владиците, Петар и Климент.
Зафатот на возобновување на комплексот ги опфаќа археолошките истражувања под манастирот, обновата на монашкиот и на владичкиот конак и партерното уредување на 1.300 метри квадратни, нагласи Канческа Милеска при обраќањето пред присутните.
- Зрзе за Македонија е Тавор и Топос на духот кој како во минатото така и денес на човекот на нашата епоха му упатува универзална порака за постојано преобразување, прифаќање и соочување со сопствените креативни потенцијали. Зрзе е креативен амбиент кој токму тука ги изнедрил ремек делата на македонската средновековна уметност, двете антологиски икони, Зрзескиот Христос и Богородица Пелагонитиса од 14-тиот век кои се нераскинлив дел од светската иконописна ризница. Зрзе е органски дел од ранохристијанската духовна структура осведочена во новооткриениот старохристијанскиот комплекс со базилика и гробница на локален мартир од петтиот век. Зрзе е уникатна монашка населба врежана во бигорната карпа со автохтоно монаштво од крајот на деветиот век, рече Канческа Милевска.
Поглаварот на МПЦ ОА, г.г Стефан нагалси дека овој манастир е еден од најрепрезентативните и најзначајни средновековни македонски светилишта.
- Овде, чиниш на секоја педа од земјата напластени се векови национална, културна и духовна историја. Собрани денес на овој свештен собир, крунисуваме едно дело на новата македонска духовна преродба - ги осветуваме возобновените и новите манастирски конаци, рече меѓу другото г.г. Стефан.
Осветувајќи ги новите конаци, поглаварот на МПЦ ОА г.г Стефан, нагласи дека ниедно духовно дело за историјата и за вечноста не е успешно, доколку зад него не стојат добри и осветени личности.
Градоначалникот на општина Долнени Боше Милошески смета дека за манастирот е направено многу, особено по асфалтирањето на патот до него.
- Со пари од државниот буџет е асфалтиран патот до манастирот во должина од близу 8 километри и ова духовно светилиште е гордост за општината и за Македонија, рече Милошески.
Патот до манастирот се градеше со средства од државата во висина од 80 милиони денари.