Чешка донација за набавка на 25 возила за МВР
Договор за донација од 20 милиони чешки круни (740 илјади евра) за набавка на 25 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи денеска потпишаа Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и амбасадорот на Чешката Република во Македонија Мирослав Рамеш.
Донација е договорена на работна средба со чешкиот министер за внатрешни работи Михаил Хованец остварена во февруари годинава во Македонија.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека донацијата и соработката со чешкото Министерство за внатрешни работи покажува дека како држава не сме сами во справувањето со мигрантската криза.
- Благодарност до чешката Влада и МВР за несебичната поддршка за справување со мигрантската криза, знаејќи дека ова е трета донација од нивна страна што е директно наменета за полициските службеници, изјави Спасовски.
Потсети дека со првите две во вредност од 125 илјади евра се донирани шатори, греалки, кревети, вреќи за спиење, мантили за дожд, изотермални фолии и генератори за струја.
- Соработката со Чешката Република нема да застане тука и веќе е во најава нова донација за опрема што заедно со останатите донации ќе надмине вредност од еден милион евра. Освен со финансиски средства Чешка ни помага и со човечки ресурси и на два наврати се испратени по 27 полициски службеници на чешкото МВР кои работат со нашите полициски службеници во контрола и надзор на државната граница на Македонија со Грција, каде директно се справуваме со миграциската криза, рече Спасовски.
Амбасадорот на Чешката Република Мирослав Рамеш изрази благодарност за добрата соработка меѓу министерствата за внатрешни работи на Чешка и Македонија.
- Сметам дека тоа е добра соработка и тоа покажува добри односи. Не сме сами во тоа и нашите партнери од Вишеградската група Полска, Унгарија и Словачка исто така се подготвени конкретно да помогнат на Македонија, рече Рамеш.