Попоски: Интеграцијата меѓу балканските земји да оди „рака под рака“ со европската
Интеграцијата меѓу балканските земји треба да оди „рака под рака“ со интеграцијата во ЕУ, порача министерот за надворешни работи на Македонија Никола Попоски на министерска конференција на Западен Балкан, одржана во Драч, Република Албанија.
Министрите за надворешни работи од шестте балкански земји и Чешката Република, како претседавач на Вишеградската група, со комесарот Јоханес Хан разговарале за Париската конференција која треба да се одржи на 4 јули оваа година.
Како што соопшти МНР, фокусот бил на статусот на проектите за регионална поврзаност од претходната Виенска конференција во 2015 година, како дел од Берлинскиот процес за највисока политичка поддршка на идно членство на балканските земји во ЕУ, а биле донесени и заклучоци за основање младинска регионална канцеларија и проекти за мобилност на студенти и вработени во државните администрации меѓу земјите од регионот.
- Треба да се интегрираме како регион помеѓу нас, паралелно со интегрирањето во ЕУ. Изградбата на подобри патишта и енергетски врски мора да е проследено и со полесно водење бизнис низ соседството и патување без рампи во регионот. Не треба да се има илузии дека ЕУ ќе може да биде дарежлива за финансирање на инфраструктурата во нашите земји во иста мерка како што беше тоа случај во другите земји кои веќе се приклучија на Унијата. Треба да сме реални дека тоа е минато. Денес имаме можност сами да работиме на интеграција помеѓу нас кои сме на пат кон ЕУ и оние земји од регионот кои веќе се членки на ЕУ. Се сведува на конкретни работи низ кои треба да го гледаме идното членство во ЕУ, посочи министерот Попоски.
На маргините на конференцијата тој оствари средба и со еврокомесарот Јоханес Хан, на која двајцата заклучиле дека избори на 5 јуни се најдобар пат за Македонија да ја врати агендата и да почне со преговори за членство.
Билатерални средби се остварени и со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Игор Црнадак, државниот секретар за европски прашања на Франција Арлем Дезир, со генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Горан Свилановиќ, подсекретарот во италијанското МНР Винчензо Амендола и министерот за надворешни работи на Албанија Дитмир Бушати.