Во јавниот сектор вработени 128.347 лица во 1.288 институции
Во 1.288 институции во Македонија се вработени 128.347 лица, покажува денеска објавениот прв годишен извештај за податоците од Регистарот на вработените во јавниот сектор.
Најмногу вработени има во јавните установи 64.168, каде најбројни се во образованието, 34.338, по што следат тие во установите од здравството, труд и социјална политика и култура, информира министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.
Поголема е застапеноста на жените кои се 53 проценти од вработените во институциите на јавниот сектор, а процентот на мажите е 47. Просечната старост на вработени изнесува 45,1 година, при што најмногубројна е групата со старост од 46 до 55 години.
Со високо образование се 47.529 од вработените, односно 43,37 проценти од вкупниот број, а во јавниот сектор има вработени и 2.165 мажи.
- Прв пат во Македонија, но и споредбено и во државите во регионот, на ваков систематизиран и прегледен начин се ставени на располагање податоци кои ги интересираат како граѓаните, така и научната и стручната јавност, рече Арсовска Томовска, оценувајќи дека денеска е историски ден за јавната администрација во Македонија бидејќи се нудат детални податоци за обемот и структурата на јавниот сектор.
Истакна дека до МИОА може да се обратат претставници од стручната и научната јавност за податоци за истражувања, а ги повика и вработените во администрацијата преку онлајн сервисот за проверка на податоци во базата објавена на веб страната на МИОА, преку внесување на својот матичен број да проверат дали за нив се води евиденција.
Арсовска Томовска рече дека се надева оти со прецизните податоци од извештајот јавноста ќе ја разбере сериозноста и посветеноста на Министерството да направи попис на јавната администрација.