Нов ЕЕГ апарат за Заводот за ментално здравје на деца и младинци во Скопје
Набавен е нов ЕЕГ апарат за потребите на Заводот за ментално здравје на деца и младинци во Скопје, изјави денеска министерот за здравство Никола Тодоров.
- На овој апарат се прават испитувања и дијагностика на деца до 18 години. Такви испитувања се прават по пет пати во текот на еден ден и со новиот апарат сериозно се подобрува можноста за дијагностика, а особено во делот на резултатите, кои се целосно компјутеризирани, речеТодоров.
Посочи дека вредноста на набавката на овој апарат е околу 1,5 милион денари и дека такви апарати се набавени и во Клиничката болница во Штип и во општата болница во Кавадарци.
Тодоров нагласи дека иако Заводот е на ниво на Здравствен дом - Скопје, сепак има специфична улога за целиот здравствен систем во Македонија, затоа што се занимава со менталното здравје на деца и на младинци и дава услуги на пациенти од нула, па до 27 години, а многу често и на цели семејства.
Директорката на Здравствен дом Скопје Татјана Баевска-Вучковиќ рече дека Заводот работи со тим од педијатар, психијатар, психолог, дефектолог, логопед и стоматолог, бидејќи за децата кои што се дијагностицираат и третираат е потребен мултидисциплинарен пристап.
- Преку овој ЕЕГ запис може да се направи увид во интелектуалните, психосоцијалните, психомоторните, јазичните и говорните способности на детето. ЕЕГ дијагностиката е особено значајна во дијагностицирање и следење на епилепсија, состојби и ЕЕГ промени кај деца со аутистичен синдром. Реализација на навремено ЕЕГ иследување може да значи започнување со соодветен третман што ќе ги намали или спречи натамошните компликации во развојот, истакна Баевска-Вучковиќ.
Посочи дека ЕЕГ кабинетот работи од 1988 година и досега се направени 30 илјади записи, што покажува колкав е обемот на работа и колку е важен Заводот.