Димитриев се сретна со европратеничката Петир
Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, г-дин Емил Димитриев, денес (петок, 06.05.2016 година) оствари средба со г-ѓа Маријана Петир, пратеник во Европскиот Парламент.
На средбата стана збор за европските интеграции на Република Македонија, реформите кои се спроведуваат и актуелните политички состојби во земјата.
Соговорниците ја истакнаа заложбата и потребата од интеграција на Република Македонија во Европската Унија.
Премиерот за спроведување на изборите Димитриев ја истакна посветеноста на Владата за реализација на реформите кои се од интерес за унапредување на стандардите значајни за европските интеграции. Тој истакна и благодарност до Европскиот Парламент за поддршката која се овозможува за нашата земја и за соработката во спроведувањето на реформите. Димитриев истакна и благодарност за придонесот во реализацијата на македонските стратешки определби до групата на пријатели на Македонија во Европскиот Парламент, чиј претседател е г-ѓа Петир.
Европратеникот Петир истакна дека соработката на двете страни ќе продолжи и во идниот период на сите полиња од интерес за реализација на реформите и стратешките цели на Република Македонија.
На средбата се разговараше и за актуелната политичка состојба во земјата при што беше истакнато дека врвно демократско право и начело е граѓаните да одлучуваат на фер, кредибилни и демократски избори кон кои што Владата за спроведување на изборите е посветена согласно законските ингеренции и надлежности.
Соговорниците разговараа и за реформите и проектите кои се спроведуваат во областа на економијата и земјоделството чија основна цел е обезбедување на економски раст и нови вработувања за населението.
Двете страни истакнаа дека и во следниот период Република Македонија и Европскиот Парламент ќе продолжат со соработката во сите сфери од взаемен интерес.