Надлежностите за регулаторната гилотина во МИОА, во фокусот на малите и средните претпријатија

Намерата на процесот на регулаторниот проце не е да го намали или зголеми бројот на фирми кои ќе се регистрираат, туку да ги стимулира вистинските инвеститори со реална и објективна намера да се занимаваат со бизнис и тој процес да биде поедноставен и што поевтин.

Тоа го оцени вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на денешната завршна конференција со која се заокружи проектот „Подобра бизнис регулатива во Македонија“, а надлежностите во  подобрувањето на регулаторните реформи од Кабинетот на потпретседателот на Владата за економски прашања  ги презеде Министерството за информатичко општество и администрација. 

Пешевски истакна дека преку низа законски измени, како дел од регулаторните реформи, фиктивните фирми кои не се дел од платниот систем  и кои повеќе создавале пречки во системот, се насочуваат кон ликвидација. За спроведувањето на  регулаторните реформи, укажа, реномирани меѓународни институции  ја квалификуваат Македонија како една од водечките во делот на  реформите на јавната администрација.

- Останува да се направи уште многу, немаме илузии дека системот  е идеален. Проценката на влијанието на регулативата (РИА)  е токму една од компонентите која ќе придонесе за тоа и верувам дека во наредниот период ќе се продлжи со истото темпо, рече Пешевски, одговарајќи на новинарски прашања.

Како дел од досегашното спроведување на Проценката на влијанието на регулативата (РИА), во изминатите три години Владата усвоила 451 закон со РИА обрасци. Во единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) се внесени вкупно 1.754 прописи од кои 91 моментно се достапни за јавноста.  Во тек на проектот „Подобра бизнис регулатива во Македонија“, кој  почна во октомври 2010 година,  се изработени повеќе прирачници  наманети за  подобрување на консултативниот процес при изработка на регулативи, наменети за јавната администрација, бизнис заедницата и другите засегнати страни.

Министерот за информатичко општетсво и администрација Иво Ивановски најави дека неговиот ресор со новите надлежности за реформите во компонентата „Унапреден регулаторен процес во Македонија“ од почетокот на следната година ќе ја почне четвртата фаза на регулаторната гилотина „Предност на малите“. Таму фокусот е ставен врз поедноставување на условите за работа на малите и средни претпријатија.

- Во следниот период ќе бидеме насочени кон редовни посети на малите фирми и граѓанскиот сектор за да разговараме директно за нивните грижи и предлози да подобрување на регулативите, рече Ивановски, кој со британскиот амбасадор во Скопје Кристофер Ивон  потпиша Меморандум за соработка, преку кој се обезбедува поддршка од Обединетото Kралство за компонентната „Унапреден регулаторен процес во Македонија“.

- Свесни сме дека ни претстои сериозна работа и во многу напор да продолжиме да создаваме регулаторен систем кој ќе го намали притисокот на бизнисите таму каде е можно, притоа ослободувајќи ги од непотребната бирократија и ќе обезбеди заштеди во работењето, но истовремено ќе ги штити правата и на работниците и на потрошувачите. Претстои сериозна работа и во  изградба  и координација на капацитетите на институциите за да ги препознаат начините за подбрубвање на ефиканоста на регулаторниот систем,  истакна Ивановски.

Владата почна регулаторни реформи од 2006 година преку ревидирање на постојната регулатива со регулаторна гилотина и со системско следење на новата регулатива (Проценка на влијнаито на регулативата - РИА).