Отворена уметничкатата галерија „Лазар Личеноски“ во Скопје

Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска денеска ја отвори уметничката галерија во рамки на Државното средно училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје. Со отворањето на оваа галерија се заокружува годинашното чествување на големиот јубилеј 110 години од раѓањето на бардот, еден од основоположниците на македонската современа ликовна уметност Лазар Личеноски.

- Отворањето на оваа галерија е историска придобивка за сите нас, бидејќи од денеска на ова место ќе бидат презентирани креативните творби на сите генерации кои ќе ја пишуваат историјата, ќе ја обликуваат актуелната сегашност на ликовната и применетата уметност во Република Македонија, рече Канческа - Милевска.

Таа посочи дека своите први изложби во оваа галерија ќе ги имаат македонските автори кои во иднина ќе бидат дел од европските и светските полигони на ликовната уметност. Потсети дека училиштето „Лазар Личеноски“ во Скопје е основано во 1945 година и додаде оти потоа се трасирал патот за развој на современата ликовна и применета уметност во Македонија.

- Од професорите на ова училиште произлегоа и многу нови иницијативи за развој на ликовниот живот, преку основање и на други институции меѓу кои Друштвото на ликовните уметници, Националната галерија на Македонија, Музејот на современа уметност, Музејот на Град Скопје..., рече Канческа - Милевска.

Таа истакна дека генерациите ликовни творци, сликари, вајари, графичари и ликовни педагози што тука ја стекнале својата едукација сега се движечка сила и богат потенцијал на образовното, уметничкото и културно творештво на нашата земја.

- Од големо значење е овој настан за ликовното образование, култура и уметност во нашата држава. Првпат се отвора галерија во уметничкото училиште, сон за сите кои завршиле или работеле во него, сон кој конечно се оствари, потенцира директорот на училиштето Ицко Петрески и додаде оти добиле нова и современа зграда, со одлични просторни услови за работа, наменета за кабинетска настава по стручните предмети.

Според него, оваа галерија треба да претставува простор за натпревар меѓу учениците, кои ќе го покажат она што го научиле пред јавноста и додаде оти галеријата ќе придонесе и за подобрување на образованието во училиштето.

Тој најави дека во оваа галерија ќе се организираат изложби и на други веќе познати докажани уметници од Македонија и од странство.

Творбите на учениците Ана Апостоловска и Кристијан Поповски се наградени на интерниот конкурс во училиштето под наслов „Креативен пристап кон делото на Лазар Личеноски“.

На државниот конкурс „Боите на Македонија“ третонаградена е Бојана Петреска од Општинското средно училиште „Св. Климент Охридски“ од Охрид, второнаградена е Марија Трајческа од Општинското средно училиште „Таки Даскало“ од Битола. Првонаградено е делото на ученичката Емилија Трајческа од Општинското средно училиште „Св. Климент Охридски“ од Охрид.