Оглас за обука за напредни ИТ вештини за 100 невработени лица
Сите невработени лица кои имаат познавања од информатичките технологии, а сакаат да ги надградат и да се стекнат со меѓународни сертификати можат да се пријават на огласот за мерката Обуки за напредни ИТ вештини. На ваков начин тие ќе можат полесно да најдат работа во компании во Македонија и странство. Во овој период обезбедени се средства за обука на 100 невработени лица во висина од осум милиони денари.
Условите што треба невработените лица да ги исполнат се да биле на евиденцијата на невработени најмалку три месеци. Тие може да имаат завршено средно или високо образование, но и да се без образование, но треба да има познавања од информатичките технологии и да го положи квалификацискиот испит со кој ќе се утврдуваат знаењата.
Како што информираше денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, голем број од компаниите на пазарот на труд бараат кадар кој ги познава напредните ИТ вештини, а како што рече, оваа мерка го овозможува тоа.
- Нудиме шестмесечна обука за невработените за напредни ИТ вештини, кои чинат од 60 до 120 илјади денари за едно лице. Тоа по завршувањето на обуката се здобива и со меѓународно признат сертификат, а неговите шанси за вработување се многу поголеми. Веднаш по завршувањето на обуката учесниците во нив многу брзо наоѓаат работно место. Бројките за процентот на вработување а лицата кои завршиле вакви обуки, за кој ме информираа од Тренинг центарот Семос едукација, се импресивни. Од сите лица кои поминале обука за јава програмер во 2014 над 85 проценти се вработени или по завршувањето на обуката добиле работно место, истакна Спасов при посетата на Семос едукација, каде се спроведуваат дел од обуките за јава програмери и мајкрософт веб програмери.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски истакна дека обуките даваат можност за брзо вработување, како што рече, не само во Македонија.
- Со полагање на испитот лицата се стекнуваат со можност да бидат дел од списокот на експерти на провајдерите на овие обуки, со тоа што можат со нив да стапат во контакт и меѓународни компании кои бараат такви кадри, рече Поповски.
Додаде дека во Македонија и инвеститорите бараат вакви програмски експерти. Во наредниот период, рече, и оние кои се на обука ќе бидат поканети и можат да добијат можност за вработување.
- Дел од лицата кои се на обука особено оние за Јава програмери имаат понуда за вработување од странска инвестиција која влезе во Македонија, рече Поповски.
Ирена Ивановска од Семос едукација истакна досега 130 лица успешно ги поминале ваквиот вид обуки и оти голем дел од нив успешно ги полагаат обуките. Задоволни сме, рече таа, бидејќи многу од лицата веќе работат во странски и во македонски познати приватни компании.
- Секојдневно имаме повици од ИТ компаниите кои бараат да им препорачаме лица со вакви обуки. Ние имаме кариерен центар во кој лицата што завршиле обуки треба да пратат CV и ние да ги препорачаме во тие компании, информира Ивановска.