Миноски: Капиталните инвестиции остануваат на највисоко ниво досега
Капиталните инвестиции се на историски највисоко ниво досега и покрај ребалансот се на повисоко ниво во однос на 2015 година, ниту еден капитален проект нема да се прекине со ребалансот, а за оние проекти кои имаат засилена динамика на реализација ќе има дури и дополнителни средства, како на пример за автопатот Демир Капија – Смоквица и за гасификацијата, оценува министерот за финасии Кирил Миноски.
- Вкупниот износ на средства со ребалансот, пред се со инфраструктурните проекти не само што не се намалени, туку се зголемени, главните кратења се трошоците за стоки и услуги. Сите проекти ке продолжат да се реализираат, потенцира Миноски во интервју за ТВ Нова.
Министерот за финансии додава дека двата обида да се реализираат избори во првото полугодие годинава влијаеле врз динамиката на реализацијата на капиталните проекти, бидејќи согласно законските одредби во предизборен период не може да се вршат јавни набавки.
За најавениот ребаланс на буџетот Миноски потсетува дека полугодишното ревидирање на проекциите за приходите и расходите во државната каса е редовна активност која се реализира во сите економии и практика која не се воведува за прв пат во Македонија. Нагласува дека во поглед на реализираните приходи има позитивен тренд во однос на лани, односно раст на вкупните приходи за околу 4,4 проценти, а кај даночните за 6,7 отсто. Сепак, додава, со оглед на пролонгирањето на политичката криза мора да има претпазливост и да се направат корекции во проекциите и на приходната и на расходната страна.
- Изминатата година беше исклучителен тежок период за Македонија, затоа што се соочивме со две сериозни кризи. Едната е политичката криза која што не е разрешена, а втората е емигрантската криза - една од најголемите после Втората светска војна во Европа. Ваквите политички кризи имаат свои соодветни рефлекции на економската активност, и дури и поразвиени економии би имале забавено темпо на раст, посочува Миноски.
Прецизира дека сите држави кои имаат дефицит во Буџетот мора да имаат внатрешни или надворешни извори за финансирање на истиот.
- Државните хартии од вредност се издаваат од 2004 година, а првата еврообврзница е издадена во 2005 година. Тоа се инструменти кои се користат за финансирање на дефицитот. Во досегашниот период опозицијата не критикуваше кога користевме хартии од вредност кои ги издававме на домашниот пазар заради тоа што повлекуваме парични средства од банките кои евентуално би се користеле за кредитирање. Сега, кога сакаме да обезбедиме дополнителни средства на надворешниот пазар, имаме повторно критики. Преку еврообврзницата треба да се обезбедат дополнителни средства во Буџетот кои ќе обезбедат дополнителна ликвидност, во најголем дел ќе значат и ослободување на дополнителни средства во банкарскиот сектор кои понатаму би се пласирале во стопанството, вели Миноски.
Тој истакнува дека македонската економија изминатите две декади се соочила со бројни предизвици.
- Оваа Влада има јасен ориентир што сака да постигнеме во Македонија. Наш прв приоритет е создавање нови работни места во Македонија. Во таа насока преземаме бројни активности. Пред неколку дена го најавивме проектот „Македонија вработува 2“ за кој се очекува да креира нови 20 илјади работни места. Друг приоритет се инвестициите. Во таа насока преземаме бројни активности, во поглед на привлекување на странски инвестиции, додека за домашните инвеститори практикуваме политика на ниски даноци, односно враќање на најголем дел од средствата во македонската економија, во приватниот сектор. Тука е и политиката на континуирано подобрување на деловното опкружување. Тоа се приоритетите и во наредниот временски период ќе ги интензивираме нашите напори во таа насока, односно креирање на опкружување кое ќе создаде поволни услови за раст и развој, нагласува Миноски во интервјуто за ТВ Нова.