Попоски ги посети децата од кампот „Ја сакам Македонија“
Министерот за надворешни работи и вицепремиер Никола Попоски денеска ги посети децата на нашите иселеници од регионот и пошироко, кои во Охрид престојуваат во рамки на кампот „Ја сакам Македонија“ организиран по петти пат.
Тој ја искористи оваа прилика да им се обрати на децата, и да им додели благодарници на учесниците на кампот што се спроведува од страна на Министерството за надворешни работи на Република Македонија.
Министерот Попоски појасни дека се работи за проект што како целна група ги има децата од македонските заедници во соседните држави и регионот.
Целта на овој проект е на среден рок да постигнеме да нема дете на нашите иселеници од поширокиот регион кое не го посетило овој камп, осмислен како начин каде тие ќе го учат и усовршуваат македонскиот јазик и ќе се запознаат со македонската култура, рече тој.
Шефот на македонската дипломатија појасни дека од оваа година кампот ќе биде проширен и со ученици од повозрасните категории како и студенти.
Првпат во Македонија програмата ќе овозможи во текот на оваа година тука да дојдат ученици од универзитетско образование, по потекло Македонци од САД, Австралија, Европа, кои ќе стажираат во македонските институции во рамки на нивните студии. Интенција е и таа целна група да ја поврземе и да ја доближиме до македонското битие, рече тој.
Маја Никола, ученичка која е дел од годинешниот камп, изјави дека е многу задоволна од можноста што и е дадена преку овој проект поблиску да се запознае со нејзината матична татковина. Ја сакам Македонија, тука многу убаво си поминувам.
Сместувањето, јадењето се е одлично, плажата исто така. Тука сме една седмица, вермето го минуваме шетајќи низ Охрид, запознавајќи се со главните знаменитости што десега не сме имале можност да ги видиме, рече таа.
Во рамки на проектот „ја сакам Македонија“ во Охрид како дел на петте спроведени кампови во Македонија престојувале повеќе стотици деца, од семејства на нашите иселеници од Словенија, Србија, Хрватска и сите држави каде активни се заедниците на Македонците од дијапосрата.