Детската болница Козле доби нов видео бронхоскоп
Нов современ апарат видео бронхоскоп е инсталиран во Детската болница Козле, со кој првпат во таа јавна здравствена установа ќе се применува методата видео бронхоскопија.
По повод набавката и ставањето во функција на апаратот вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров денеска ја посети Детската болница Козле, по што изјави дека станува збор за најнова технологија, нешто што сериозно ќе помогне за унапредување на оваа здравствена дејност во болницата и на педијатриско ниво воопшто во државата. Детската болница Козле, како што рече, е еден од референтните центри во Македонија за вадење туѓо тело од дишните патишта.
- Има околу 200 до 250 вакви ситуации годишно со кои се соочуваат докторите и од тој аспект е потребно да имаме високо софистицирана апаратура која ќе овозможи навремена, точна дијагностика и помош при вадење на овие тела кои се вдишани. Од тој аспект, овој видео бронхоскоп ќе овозможи многу подобра и поквалитетна услуга и подобри услови за работа на докторите и побрза и поквалитетна интервенција. Во болницата имаше апарат од постара генерација кој не беше видео бронхоскоп, посочи Тодоров.
Со набавката на овој видео бронхоскоп, потенцира, ќе може сите овие процедури да се документираат, а ако има потреба од посуптилни анализи, да може потоа и да се анализираат, имајќи предвид дека целата дијагностичка процедура комплетно се снима и може комплетно и детално да биде анализирана.
Нагласи дека новиот објект на Детската болница Козле, постојаната инвестиција во опрема, кадар, придонеле постојано и во континуитет да расте бројот на пациенти во болницата.
- Оваа година има 20.000 пациенти досега. За споредба, годината се завршувала со 20.000 до 22.000 амбулантски пациенти. Тоа значи дека очекувањата се овој број двојно да се зголеми. Тоа говори за довербата која ја има стекнато оваа болница меѓу пациентите и граѓаните во Република Македонија, додаде Тодоров.
Директорот на Детската болница Козле, Оливер Зафировски истакна дека се единствен институт во кој над 70 отсто од лекарите биле на едукација од еден до три месеци надвор од Република Македонија.
Појасни дека од септември го продолжуваат тој начин на едукација и за неколку месеци буквално сите доктори ќе поминат по тримесечна едукација во врвни елитни центри во земјите од ЕУ.
- Тоа многу значи за нас, а исто така како доктори да видиме дека тоа што ние го работиме во оваа институција и со оваа опрема што ја добивме, сме врвен центар и не заостануваме во однос на останатите европски центри. Тоа е мотив и натаму да продолжиме, да се едуцираме и да работиме со цел да дадеме највисоки здравствени услуги со минимални инвазивни методи, рече Зафировски.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа какви предмети се извадени изминатиот период од дишните патишта кај децата, Зафировски рече дека најчесто тоа се кикирики, лешници, ланчиња, капачиња од пенкала, ѕивани, шпенагли...
Нагласи дека нивната бронхоскопска екипа, која има над 50-годишно искуство, е врвна и досега нема направено ниту една грешка.
- Бронхоскопијата е многу ургентна и многу тешка метода и треба во неколку минути да се реагира. Досега екипата ги заслужува сите комплименти. Колеги од елитни центри се зачудени како може на овој дел од Балканот да се работи таква софистицирана метода со толку голем успех. Имаме многу тешки состојби, како што беше случајот со шпенагла инхалирана од возрасна жена која беше извадена за само неколку минути. Да не се извадеше од дишното стебло таа ќе завршеше на операција, додаде Зафировски.