Нови 100 вработувања преку неповратни грантови од по 3.000 евра
Сите заинтересирани невработени лица, активни баратели на работа од денеска можат да се јавуваат на огласот за неповратен грант во висина од 3.000 евра за самовработување преку отворање сопствен бизнис.
Со добиените средства од страна на државата невработените лица ќе можат да отворат бизнис по сопствена желба и според сопствената мотивација и да се вработат себеси, а доколку нивниот бизнис план тоа го предвидува да вработат и дополнителни лица во креираниот бизнис.
За овој оглас предвидено е доделување 100 гранта за самовработување како трета фаза од овој проект за годинава.
- За реализација на овие нови 100 вработувања се обезбедени средства во висина од 20 милиони денари, додека за цела година се предвидени вкупно 1.010 грантови преку кои се отвораат толку нови работни места. За сите грантови годинава се предвидени вкупно 225 милиони денари, истакна на денешната прес-конференција дополнителниот заменик министер Диме Спасов.
Информира дека оваа година досега се формирани вкупно 422 компании, а, како што рече, до крајот на месецот се очекува да започне процесот на регистрација на уште 390 мали компании преку проектот грант за самовработување.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски истакна дека од 2007 година, од кога се спроведува проектот, досега се формирани над 8.100 компании, и оти над 70 проценти се уште работат. Во 35 од нив, рече тој, има дополнителни над 250 вработувања.
Во текот на наредниот месец, додаде, се очекува да се соберат сите апликации и да се почне со едукација за бизнис. По обуката, најдобрите 100 кои ќе ги добијат грантовите ќе имаат можност од Агенцијата за претпримништво да добијат ментор експерт кој ќе им помогне во деталите и разработката на бизнис планот.
- Во наредните две години тие ќе добиваат техничка помош од АВРМ и УНДП, со можност да го доразвиваат сопствениот бизнис кој го отвориле, истакна Поповски.
Во изминатите години се отворени мали бизниси во различни области како услуги, производство, градинка, игротеки, пекари, работилници, услужни дејности од областа на софтвер и софтверски материјали... Со оваа програма не се финансираат дејности од земјоделство и такси превоз.