Ристовски: Универзитетот „Дамјан Груев“ ќе се отвора етапно
Универзитетот за национална безбедност „Дамјан Груев“ ќе се отвора етапно, во временски период од неколку години. Во рамки на универзитетот ќе функционираат неколку единки, како воена и воздухопловна академија - за потребите на Армијата и Министерството за одбрана, а ќе има и цивилни факултети, изјави заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој денеска присуствуваше на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
- Оттука, паѓаат во вода тврдењата на опозицијата дека универзитетот набрзина ќе започне со работа од 1 септември, за што беа поднесени и илјада амандамни за кочење на донесувањето на законот за негово основање. Владата и Министерството за образование и наука многу детално, етапно и многу сигурно ќе пристапи кон оформувањето на секоја од овие засебни единки, врз основа на засебен план. Истовремено, не станува збор за некакво инволвирање или инфилтрирање партиски кадар на тој универзитет. Напротив, универзитетот „Дамјан Груев“, во она што е матичен законик, има најстроги критериуми за влез на професори и останат наставен кадар , од она што значи стандард во Р. Македонија, рече Ристовски.
Додаде дека во оваа насока ќе бидат ангажирани и странски професори кои ќе го зголемат квалитетот, но и ќе ги исполнат високо поставените стандарди.
- Како Влада и како Министерство, цел ни е таму да дојдат најквалитетни професори, коишто ќе бидат дел од тој универзитет. Тој универзитет ќе оди во фази, единка по единка, онака како што ќе биде подготвено и согласно со политиките и приоритетите на Владата. Истовремено на универзитетот се планира ангажман на голем број професори, странски професори, кои од една страна ќе го зголемат квалитетот на универзитетот, а од друга страна ќе ги исполнат критериумите, коишто навистина се над стандрадите, рече Ристовски.
Прашан кога ќе почне академската година на универзитетот „Мајка Тереза“, Ристовски истакна дека подготовките се во тек.
- Врз основа на она што го имам како последни информации, матичните комисии ги разгледуваат апликациите и не би лицитирал со датум. Но, истовремено би сакал да ве информирам дека во оној момент кога ќе бидат завршени сите подготвителни активности околу матичната комисија и селекцијата на потенцијалниот стручен професорски кадар ќе продолжат следните чекори за старт со работа на овој универзитет, додаде Ристовски.
На новинарско прашање за неговиот став по најавите на СДСМ дека доколку дојде на власт ќе гради студентски дом во Штип, тој одговори дека тоа само ја покажува нивната несериозност.
- Универзитетот „Гоце Делчев“ беше проект којшто беше сериозно обвинуван од опозицијата. И тоагаш беше оквалификуван како партиски универзитет на кој ќе се вработуваат партиски кадри, дека е тотално непотребен. После 10 години истата таа опозиција ветува студентски дом за тие студенти, од тој универзитет, кој тие не го признаваа, рече заменик-министерот Ристовски.