Бизнис заедницата со оптимистички очекувања за 2012 година, од Владата бара мерки за одржлив и брз економски раст

Мерки за брз и одржлив економски раст, поддршка пред се за малите и средните претпријатија, како и навремено подмирување на државниот долг кон компаниите, се клучните барања на бизнис заедницата од Владата.

Владата ја продолжува праксата на континуиран дијалог со бизнис заедницата и во ССК гледа одличен партнер. Дел од прашањата што стопанствениците ги поставија денеска ќе бидат разгледувани од посебните работни групи.

- Квалитетот на предлозите од ССК во последните две години бележи значителен напредок. Тие базираат на сериозни, компаративни анализи со други држави што секако и помага на Владата многу побрзо да ги реализира преку законски измени или поинаку. Во таа насока, очекувам соработката да породлжи со уште поголем интензитет, изјави вицепремиерот Пешевски.

Според него, секогаш кога има простор, кога некој предлог е издржан и не предизвикува конфликт со друг сегмент, Владата го прифаќа.

Одговорајќи на новинарско прашање, Пешевски рече дека ефектите од должничката криза почнуваат да се чувствуваат и кај нас. Ќе мора да се прилагодуваме кон новонастанатите состојби, но генерелано, ако се погледне состојбата на буџетот и реализацијата на проектите, треба да бидеме умерени оптимисти. Владата, истакна, ќе стори се за ублажување на негативните ефекти.

- Состојбата во Германија не е толку загрижувачка колку во останатите држави, но оваа земја како моторна сила, наш водечки и трговски партнер на земјите со кои ние имаме значителна трговија, укажува дека за нас можеби тие ефекти нема да бидат толку нагласени колку што се на ниво на цела Европа гледано интегрално, истакна Пешевски.

Во врска со долговите кон стопанството, рече дека се сервисираат редовно. Секогаш кога има потреба, државата пројавува слух, организира директна комуникација со компаниите и се изнаоѓа решение. - Ако се случи каква било ситуација, нема да биде проблем да се повторат некои активности, рече вицепремиерот.

Од друга страна стопанствениците, како што истакнаа по денешниот деловен појадок со претставниците на владиниот економски тим, остануваат и на барањето да се смени моделот на казнената политика, односно да се укине мерката затворање фирми освен во случај кога се загрозени човековото здравје или животната средина.

- Нашите очекувања за 2012 се оптимистички. Побаравме од Владата мерки кои ќе придонесат за одржлив и брз економски раст. Ако вицепремиерот Ставрески и гувернерот Богов дадода една прогноза, ние предложивме модел со кој ќе се оствари подобрата и можеби за еден процент уште повеќе од тоа. Имаме голем потенцијал за развој и многу е важно да се канализира соработката со Владата која е на високо ниво, а мерките  да овозможуваат брзи и добри ефекти за развој на малите и средните претпријатија, изјави претседателот на Сојузот на стопанските комори (ССК) Златко Калеников.

ССК ја пофали досегашната соработка со Владата, особено реализираните посети на преку 100-те фирми лани и годинава кои овозможија, нагласи Калеников, преку директни средби, да се решат многу проблеми од областа на катастарот, инвестициските кредити и дозволите за градби.

- Во казнената политика има голем напредок, но спроведувањето се уште не е по модел задоволителен за стопанстевниците. Казнени политики има во вкупно 160 закони. Дел од нив со Кабинетот на Пешевски успеавме да редуцираме или да ги направиме по моделот што го предлагаме, најпрво примена на едукативни мерки, потоа опоменувања, па санкции. Итаме кон ЕУ со многу брзо и често донесување закони кон кои приватниот сектор не може да се прилагоди и едуцира со иста динамика, посочи Калеников.

Бизнисмените се задоволни и од акцијата на Владата што ја предводеа вицепремиерите Ставрески и Пешевски за враќањето на долгот кон стопанството.

- Побаравме таа акција и годинава да се повтори во рамки на можностите. Благодарни сме и на државата за работите што му ги даде на приватниот сектор, но кризата е на прагот на Македонија, а Европа е веќе зафатена. Ликвидноста е од голема важност за нас и апелираме сите долгови да се подмират во најкус можен рок. Нема детални проценки за нивната висина но сметаме дека не се толку големи како лани кога се шпекулираше со 80 милиони, а излегоа двојно помалку, рече претседателот на Сојузот и додаде дека ССК бара задолжницата да се примени од 1-ви април.

Калеников уште еднаш порача дека владините мерки треба да бидат насочени кон малите и средните претпријатија.

- Тоа еден од приоритетните предлози на ССК за економски раст што ќе бидат допрва презентирани. Од сите мали, средни и микро фирми, 110 ги задоволуваат критериумите за претприемач на годината. За три години тие оствариле раст на вработени 1.000 и оствариле 20 милиони евра раст на приход. Ако овие бројки се пресметаат за 1.000 фирми, би биле 10.000 вработени и 200 милиони евра раст на профитот, рече Калеников.

Компаниите сакаат заменик претседателот на Владата Владимир Пешевски да се вклучи во процесот на гасифаикација. Тоа ќе го побараат и писмено од премиерот Никола Груевски. Моментно, посочија, за гасификацијата се одговорни неколку министерства, но мрежа нема. Мали сме како пазар и не сме интересни за „Газпром“.

- Пешевски е познат преговарач со приватниот сектор. Тој лани реши многу од проблемите. Знае што значи да се дадат плати на 1-ви во месецот и со какви административни проблеми се соочуваме. Затоа бараме да се вклучи во процесот на гасификација кој кај нас е заглавен и треба што поскоро да почне, напомена Калеников.

Околу прашањето за цената на гасот, Пешевски истакна дека Владата тука не може да интервенира зашто Регулаторната комисија за енергетика е независно тело.

Најдобро во овој момент што може да го направи Владата за поевтинување на гасот е да заврши процесот на гасификација зашто колку се поголеми количините гас што се трошат, толку релативните трошоци за транспорт по метар кубен природен гас ќе бидат помали и цената ќе биде пониска.

- Поради малите количини гас во Македонија имаме повисока цена од соседните држави. Ако тие се зголемат и цената ќе падне, подвлече Пешевски.