Работна посета на министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто на Република Македонија
Денеска, министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, престојуваше во работна посета на Република Македонија. Во рамки на посетата министерот Сијарто оствари средба со заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски. На средбата двајацата министри констатираа дека билатералните односи и соработката помеѓу двете држави одлично се развиваат, благодарение на заложбите на двете страни за нивно постојано унапредување. Имајќи го предвид високото ниво на политички односи меѓу Македонија и Унгарија, фокусот на разговорите беше ставен на можностите за унапредување на економската соработка – зголемување на обемот на трговската размена која бележи пораст во последните години.
Министерот Попоски се заблагодари за конзистентната поддршка за евро – атлантската интеграција на Република Македонија од страна на Унгарија. Министерот Сијарто истакна дека Македонија веќе одамна требаше да биде член на НАТО и дека Унгарија ќе инсистира на почнување на преговорите за членство во ЕУ што е можно поскоро кои Македонија одамна требаше да ги почне. Воедно, се заблагодари на Македонија за помошта во надминувањето на мигрантската криза и најави дека ќе продолжи унгарската поддршка со полициски службеници.
Mинистрите најавија и воведување на директна авионска линија Будимпешта-Скопје, на пролет 2017 година - што ќе даде позитивен импулс на туристичката размена, приближувањето на бизнис заедниците од двете земји и контактите меѓу луѓето.
Во рамки на посетата, миснистрите Попоски и Сијарто се вклучија во акцијата „Ден на дрвото, засади ја својата иднина“.
Извор: Министерство за надворешни работи