Избрана новата Влада на Република Македонија
Собранието на Република Македонија пред полноќ со 62 гласа „за“, 44 „против“ и пет „воздржани“ ја избра новата Влада. Владиниот кабинет на премиерот Зоран Заев ќе има 25 министри.
Пред гласањето за избор на новата Влада, Заев рече дека ќе работи на сплотување, а не на делење и одговараше на прашањата и забелешките на пратениците изнесени за време на дводневниот претрес.
Во однос на прашањето за името кажа дека Владата ќе разговара со опозицијата за да се постигне консензус и оти одлуките ќе бидат конечни на референдум пред граѓаните, но во функција да се најде решение, а не да се блокира. Изрази надеж и за помош од меѓународната заедница.
- Јас сум Македонец и ме боли исто како вас македонштината, а верувам и на сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност, рече Заев.
Новиот премиер од говорницата го покажа одговорот што го добил од Специјалното јавно обвинителство во кое тој се известува дека до овој момент нема поведена истражна постапка или е подигнат обвинителен акт за некој од 25-те министри вклучувајќи го и него. Одговорот од СЈО тој му го остави на претседателот на Собранието да им го подели на пратениците. Рече дека законот ќе важи за сите и оти не сака одмазда и реваншизам. - Секој ќе си одговара ако има докази, истакна тој.
За Парламентот рече дека треба да биде коректив на новата власт, а не извршно тело. За обезбедувањето кворум во Собранието смета ќе биде тешко. Се заблагодари за дел од конструктивните дискусии од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
- Сакам да знаат сите овде пред јавноста - ако некој се дрзне да интервенира врз обвинител или врз судија подобро сам да си даде оставка, а ако не го стори тоа, јас ќе дадам предлог за негово разрешување, изјави Заев додавајќи дека правната држава ќе се врати со личен пример и со политичка волја.
Премиерот Заев и се заблагодари и на Владата што заминува.
- Многу остри зборови беа кажани овие два дена, но секоја конструктивна забелешка ја прифаќам. Тешко е да се оди во опозиција, посебно заради сериозни сомневања. Но никој повеќе нема да има контрола врз правосудството, рече тој.
Зорувајќи за состојбата пред и по изборите, Заев им изрази почит на лидерите на партиите на Албанците за, како што рече, нивната присебност. - Сигурен сум дека на сите им е тешко заради 27 април. Да пратиме порака да не се повтори никогаш повеќе, рече Заев.
Во експозето на почетокот на седницата за избор на новата Влада Заев најави дека ќе предводи реформска влада во Македонија.
- Наши три клучни темели ќе бидат посветеност на економијата и живот на сите, на силни професионални институции и правда за сите и на Европската унија и НАТО и перспективи за сите, рече Заев.
Истакнувајќи дека ќе работат чесно и посветено исклучиво за потребите на граѓаните на Македонија, тој рече дека Македонија ќе биде држава на сите граѓани и оти ќе се гради обединето општество кое ќе обезбеди стабилност.
- Наша цел е почеток на преговори со ЕУ и членство во НАТО во најкраток рок, рече Заев во експозето.
Во фокусот на владата, меѓу другото, ќе биде развој на економијата и стандардот на граѓаните, при што најавува просечна стапка на раст од пет проценти, зголемување на минималната плата на 16.000 денари и до 30.000 на просечната плата.
По гласањето на Владата, новите министри дадоа свечени изјави.
Радмила Шекеринска-Јанковска е избрана за министер за одбрана, Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи, Драган Тевдовски за министер за финансии, Никола Димитров за министер за надворешни работи, Рената Тренеска Десковска за министер за образование и наука, Горан Сугаревски за министер за транспорт и врски, Љупчо Николовски за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Мила Царовска за министер за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски за министер за информатичко општество и администрација, Садула Дураку за министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши за министер за економија, Билен Саљији за министер за правда, за министер за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, за министер за здравство Арбен Таравари и Роберт Алаѓозовски за министер за култура.
Кочо Анѓушев е избран за министер без ресор, кој како што е најавено ќе биде вицепремиер за економски прашања. Бујар Османи исто така е избран за министер без ресор но ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, како и Хазби Лика, кој според најавите ќе биде вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците.
За министри без ресор се избрани и Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.
Гласањето за избор на владата се изврши по предлогот за состав на владата во целина со јавно гласање, по завршувањето на претресот што траеше два дена.