Димитров: Владата сериозно подготвена да ја внесе Македонија во ЕУ и НАТО
Новата реформска Влада на Република Македонија е сериозно подготвена и цврсто решена нашата земја да стане дел од евроатлантските интеграции, а тоа е шанса не само за Република Македонија, туку и за регионот, како и за процесот на пристапување, истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров на состанокот на лидерите од Процесот „Брдо Бриони”.
Димитров подвлече дека јакнењето на институциите, владеењето на правото, промоцијата на култура на дијалог и компромисот се нашите аргументи за забрзана евро-атлантска интеграција.
Според него, независните и силни институции се стожерот на стабилноста на државите. ЕУ, пак, треба да остане искрена и директна при евалуирањето на реформските и демократските процеси.
- Наша задача е да работиме на квалитативна трансформација на нашето општество, на обезбедување одговорно владеење и независни институции. Нашата цел е да изградиме модерна европска демократија, а ЕУ адекватно да ги валоризира реформите на тој пат. Зачленувањето во ЕУ и НАТО е нашиот врвен стратешки приоритет, потенцира Димитров.
Делегацијата на Република Македонија на настанот ја предводеше претседателот Иванов, а покрај претседателите и министрите на надворешни работи на државите учеснички во Процесот, учествуваа и високи претставници на држави членки на ЕУ. Овогодишен специјален гостин на состанокот беше федералниот претседател на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмаер.
На маргините од состaнокот шефот на македонската дипломатија оствари билатерални средби со колегите од Словенија и Хрватска, Ерјавец и Штир. Како што соопшти МНР, на средбите беше изразена поддршка на евроатлантските аспирации и на реформските приоритети на Македонија. Министерот Димитров истакна дека државите членки на ЕУ треба да го искористи моментумот во Македонија како можност за ревитализација и зајакнување на европските перспективи во регионот, нужна, посочи, за негова одржлива стабилизација и развој.
Димитров оствари и тет-а-тет средба со српскиот колега Ивица Дачиќ, на која беше изразена подготвеноста за изнаоѓање решение од интерес на двете страни, во контекст на последните случувања. Имаше и краток разговор со федералниот претседател на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмаер кој му честиташе на изборот, а оствари средба и со Ален Ришар, специјален претставник за Балкан на министерот за надворешни работи на Франција.