Средба на премиерот Заев со амбасадорката на ОБСЕ, Суомалаинен: Реформската Влада отвора можност за напредок на Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорката на ОБСЕ, Нина Суомалаинен.
На средбата е поздравена определбата на премиерот Заев да предводи реформска Влада, којашто ќе работи во интерес на сите граѓани.
„Само низ посветен реформски процес можеме да ги оствариме стратешките интереси на Република Македонија, перспективите кон Европската унија и НАТО, и за таа цел имаме намера да дефинираме краткорочна и среднорочна агенда“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, нагласи дека новата Влада води конструктивни политики, бидејки само низ заеднички заложби, на политичко и општествено ниво, може да се забрза изградбата на демократски, професионални и независни институции, што ќе придонесат кон квалитетен живот на сите граѓани.
На состанокот е разговарано за можноста Мисијата на ОБСЕ да помогне во реформските процеси во судството, медиумите, полицијата, меѓуетничките односи и неколку други области.
Заеднички е констатирано дека формирањето нова реформска Влада отвора вистинска можност за напредок на Република Македонија.