Вицепремиерот Анѓушев: Веднаш да сопре процесот на објавување на јавните повици од страна на АД ЕЛЕМ
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања реагираше во однос на денешната прес конференција на АД ЕЛЕМ на која е соопштено дека ќе бидат објавени јавни повици за набавка на рударска опрема за РЕК Битола и за изградба на топлификација на Битола, Новаци, Логоварди и Могила во вредност од околу 80 милиони евра.
Тој потенцираше дека процедурите за објавување на јавни повици за овие два проекти треба да бидат стопирани во истиот момент.
„Владата на Република Македонија апсoлутно се согласува со тоа дека треба да се реализираат проекти со кои ќе се подобрува животот на граѓаните, да се модернизира механизацијата и другата опрема на капацитетите на АД ЕЛЕМ, но сето тоа најпрво треба да помине низ владина процедура. На владина седница треба да се разгледаат и усвојат условите за објавување на јавни повици, кои потоа на транспарентен и законски начин ќе бидат достапни за сите компании кои се заинтересирани да учествуваат“, истакна Анѓушев.
На јавноста и е познато дека во изминатите 11 години имаше спорни и незаконски тендерски постапки и избор на изведувачи на тендери објавени од АД ЕЛЕМ, а тоа оваа Влада нема да го дозволи.
„Не сакаме да направиме штета за граѓаните, но не сакаме повторно да се направи штета на буџетот на компанијата и на Република Македонија. Владата на Република Македонија ги има усвоено насоките на делување во полето на енергетиката, ќе инсистираме на развојни проекти во енергетиката, но постапката за објавување на јавни повици освен од управниот одбор на компанијата, мора да биде усогласена и одобрена од страна на Владата“, потенцираше Анѓушев.
Тој дополни дека раководствата на АД ЕЛЕМ, кое е претпријатие во државна сосптвеност имаше повеќе од една деценија да спроведува развојни проекти, но за жал, во тоа поле многу малку е направено. Владата нема да дозволи одлуките на менаментот на АД ЕЛЕМ да бидат позначајни од интересите на граѓаните и ќе инсистира на привремено замрзнување на јавните повици, се додека истите не добијат позитивна одлука од Владата.